Од страна на ДОМ беше искажано задоволство од одлуката на Претседателот Пендаровски да го прифати барањето на ДОМ за непотпишување на Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, со што придонесе да се стопира продолжувањето на легализацијата на дивоградбите. На средбата беше истакната и важноста на одржаната седница на Советот за безбедност на предлог на Претседателот Пендаровски, на тема за заштита на животната средина, на која учествуваа граѓанските организации активни во оваа област.
ДОМ го потенцираше значењето на посветеноста на Претседателот Пендаровски во сферата на унапредување на човековите права, особено на правата на жените и маргинализираните групи граѓани. Пендаровски нагласи дека и во иднина ќе продолжи активно да придонесува за унапредување на човековите права и заштита од било каков облик на дискриминација.
Претседателот Пендаровски ги прифати барањата на ДОМ за негова поддршка во напорите за заштита на животната средина и борбата со климатските промени, во тек на следниот престедателски мандат.
На средбата беше договорено Претседателот да биде покровител на Регионален форум за животна средина и климатски промени, со што ќе се зајакне соработката помеѓу државите од регионот, бидејќи загадувањето и климатските промени не познаваат граници и само со заеднички активности на државите може да се постигнат значајни подобрувања во оваа област. Ова особено е значајно за решавање на еколошките предизвици со кои се соочуваат Охридското и Преспанското Езеро.
Претседателот се обврза да даде придонес во рамките на неговите ингеренции за реализирање на програмскиот приоритет на ДОМ за внесување програми за животната средина и климата, во воспитно образовниот процес, од предучилишните до високо образовните институции. За ефикасно справување со еколошкиот криминал, особено е значајно оваа проблематика да се изучува на Академијата за судии и јавни обвинители, како и да се обезбеди континуирано спроведување обуки за судиите, обвинителите и припадниците на Министерството за внатрешни работи.
Претседателот Пендаровски го прифати барањето на ДОМ за формирање времено тело во рамки на кабинетот на Претседателот кое ќе дејствува за заштита на животната средина и борбата против климатските промени. Во тоа тело ќе се вклучат експерти и претставници на граѓанските здруженија од оваа област.
Претставниците од ДОМ и Претседателот Пендаровски ја истакнаа неопходноста од што побрзо продолжување на македонскиот евроинтеграциски процес, како основна движечка сила за севкупен прогрес на државата и поквалитетен живот на македонските граѓани.