Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими организаторите на манифестацијата „Скопје Прајд“ која оваа година поради пандемијата на КОВИД-19 се одржува виртуелно во периодот 20-30 јуни.
Претставниците на граѓанските организации кои работат на „Скопје Прајд“ го информираа претседателот Пендаровски за планираните активности кои имаат за цел подигнување на јавната свест, разговори за клучните теми, како и музички и културни активности кои ја слават различноста.
Претседателот Пендаровски ги поздрави активностите на сите организации и активисти кои работат за унапредување на правата на ЛГБТИ заедницата и сите маргинализирани заедници со цел нивна поголема видливост во општеството и остварување на нивните основни човекови права.
Соговорниците истакнаа дека во однос на статусот на ЛГБТИ заедницата, потребни се ефикасни системски решенија. Законот за заштита од дискриминација е укинат од Уставниот суд, а со него се овозможуваше за првпат заштита на сите ранливи групи, како и професионална комисија за спречување и заштита од дискриминација, преку зголемување на нејзината независност и надлежност. Во таа насока претседателот Пендаровски истакна дека ќе побара од следниот парламентарен состав да го стави законот на приоритетна листа за донесување.
На средбата исто така се разговараше и за другите чекори кои се потребни со цел унапредување на состојбата на ЛГБТИ луѓето, како подигнување на јавната свест, ефективна примена на законите, особено за дела од омраза, заштита од дискриминација и поддршка на ранливите лица на кои им е потребна интеграција во општеството.
Претседателот Пендаровски посака успешна реализација на „Скопје Прајд“ и додаде дека соработката меѓу граѓанскиот сектор, активистите и заедницата со јавните институции е многу значајна затоа што често искуството што доаѓа директно од терен од граѓанскиот сектор е клучно за да се направат системските решенија.