Пендаровски приреди прием во чест на Јордан Плевнеш, добитник на Големата награда „Ерве Делиен“

Сподели

 

Денеска во Кабинетот на претседателот беше организиран прием во чест на македонскиот писател и поранешен амбасадор во Франција, Јордан Плевнеш, добитник на Големата наградата „Ерве Делиен“ за 2021 година.

Претседателот Пендаровски, како домаќин на приемот, во своето обраќање го потенцираше значењето на оваа Голема награда во рацете на македонски писател, која Француската академија му ја додели на Плевнеш за афирмација на неговиот творечки опус во Франција и франкофонскиот простор.

 

 

Претседателот Пендаровски изјави: „Во годината во која Франција одбележува 400 години од раѓањето на великиот Молиер, овде меѓу нас е човек кој со своето дело и дух постојано и секаде го воспева и „јазикот на Молиер“, ја одржува жива франкофонијата на овие простори и ја промовира нераскинливата врска меѓу Балканот и Европа. Поводот за оваа наша средба е најдобрата рефлексија на она што сакаме да го негуваме, секогаш и секаде меѓу нас, а што Плевнеш постојано го нагласува: хуманоста, како основна вредност врз која културните и сите други разлики ќе бидат препознаени како богатство за кое вреди да се твори и живее. Ѝ благодарам на Француската Академија што ја препозна универзалната порака во делото на нашиот Јордан Плевнеш.“

На свечениот прием се обратија и амбасадорот на Француската Република, Сирил Бомгартнер, како и лауреатот на наградата, Јордан Плевнеш.

Амбасадорот Бомгартнер изјави: „Посебно сум среќен што сум овде со вас денес, на оваа свеченост, бидејќи сакаме да Ви оддадеме почит, драг господине Плевнеш, за вашите достигнувања и заслуги. Вие сте добитник на Големата награда на Франкофонијата „Ерве Делиен“ што ја доделува Француската академија. Се радуваме за оваа голема чест преку пријателството кое го негуваме а наградата е уште позаслужена бидејќи вие сте несомнено најеминентниот франкофонски писател од Северна Македонија. Вашата  работа и вашите дела се во служба на Франкофонијата во земјата, која и ние самите, со поддршка на Францускиот институт, ја спроведуваме за зачувување, зајакнување и унапредување на изучувањето  на францускиот јазик.“

 

 

Лауреатот Јордан Плевнеш кој ја прими престижната награда на церемонијата под „Куполата на бесмртните” во Француската академија минатата година, на денешниот прием изрази благодарност до претседателот Пендаровски за писмото кое го упати за време на церемонијата на доделување на наградата во Париз и изјави: 

„Ви благодарам од сѐ срце претседателе што во истиот миг на доделувањето на мојата наградаупативте писмо чии зборови одекнаа меѓу бројните гости во ПаризМакедонската франкофонска интелигенција повеќе од 130 години на европската сцена ја афирмираше идејата за македонскиот народ како дел од европската заедница на народите, можеби инспириран од повикот на Виктор Иго за Соединетите Држави на Европа.“