Претседателот Стево Пендаровски денеска во Охрид се обрати на отворањето на дводневниот Безбедносен форум на поранешни студенти/алумни на Маршал Центарот.
Истакнувајќи дека на овој форум досега учествувал во различно својство, Претседателот Пендаровски посочи дека е почестен што годинава има можност и да се обрати на форумот.
„Ја прифатив поканата на мојот драг пријател, Стојан Славевски, да дојдам во Охрид и да зборувам на отворањето на Форумот на поранешни студенти/алумни на Маршал Центарот, затоа што верувам дека ваквите дискусии се важни за земјата и за сите нас во дебатирање и справување со прашањата од стратешката безбедност со кои се соочува и регионот, па и светот. Обраќајќи ви се во својство на Претседател на Северна Македонија, особено сум заинтересиран, се разбира за предизвиците со кои нашата земја се соочува во современото безбедносно опкружување.
Без сомнение, клучниот стратешки пробив во безбедноста кој ние го направивме е поканата за членство во НАТО која ја добивме во јули 2018 година.
Никогаш не треба да заборавиме дека оваа покана дојде по неколку децении одбележани со турбулентните 90-ти во кои регионот на поранешна Југославија се соочи со крвави етнички војни; по нашиот опасен конфликт од 2001 година, кој се закануваше дека може да ја фрли земјата во бездната на меѓуетничка војна; и по долгите години безизлезност и автократија кои само ја оддалечија државата од западните и од европски вредности и ја одложија нејзината интеграција во НАТО и ЕУ.
Влезот во НАТО подразбира седење на истата маса и добивање на еднаков глас во Алијансата. Тоа значи дека дваесет и девет земји ќе се залагаат да не заштитат нас и нашата безбедност. А знаеме дека безбедноста е темел на просперитетот и на економскиот развој.
Како идна полноправна членка на Алијансата, силно го поддржувам активното учество на Северна Македонија во активностите и операциите на Алијансата. Нашата цел не е само да бидеме номинална членка на Алијансата, туку да бидеме членка која ќе се грижи и за пошироките безбедносни предизвици и активно ќе ја поддржува глобалната безбедност.
Бевме присутни во Ирак, сè уште придонесуваме во Авганистан, Либан, и Босна и Херцеговина. Истовремено обезбедуваме и логистичка поддршка за КФОР на Косово, а ќе продолжиме со нашиот придонес и во идните мисии во поддршка на меѓународната безбедност. Во таа смисла, планираме наскоро да го зајакнеме нашето активно присуство и во други делови од светот.
По поканата за членство во Алијансата, можам да кажам дека земјата неспорно влезе во помирни води, иако сме далеку од тоа да тврдиме дека предизвиците се зад нас.
Тероризмот, верскиот екстремизам, нелегалната миграција, сајбер нападите, а особено хибридните војни, нема да исчезнат. Свесни сме дека најефикасниот начин за справување со таканаречените нетрадиционални безбедносни закани кои се наоѓаат високо на агендата на НАТО, сега се и на нашата агенда, ние мораме заеднички да се соочиме со нив заедно. Сите страни може да имаат само корист од нивниот придонес кон заедничките напори на Алијансата преку размена на информации и преку здружување на ресурсите на сите земји членки и на земјите партнери.
Мојата земја беше цел на штетното влијание од трети страни кои сакаа да ја попречат волјата на граѓаните и да го спречат формирањето на демократска влада. Овие хибридни закани и малигни влијанија ќе продолжат да бидат тука со нас. Затоа е потребно здружено, заеднички да им се спротивставиме. Мојата земја ќе биде посветена на западните вредности и уверувања и немам никаков сомнеж дека на крајот на тој пат зеднички и ќе победиме.
Перспективите на евро-атлантските интеграции продолжуваат да бидат клучен фактор за стабилноста и развојот на демократијата во регионот на Западен Балкан и денес.
Напредокот во однос на евро-атлантските интеграциии, како и европската перспектива на нашиот регион е очигледен. Убеден сум дека оваа двојна интегративна агенда или „двојна интеграција“, претставува „вин-вин ситуација“ и за земјите од регионот поединечно и за регионот во целина, од една страна, но и за НАТО и Европската унија, од друга страна.
Апсолутно сум свесен за предизвиците со кои се соочува Европската унија, како и за дебатите за проширување во Унијата кои во моментов се одвиваат во Европа, и со право сè уште се одвиваат и ќе се одвиваат.
Меѓутоа мора да сме свесни и тука и во Брисел да се свесни дека регионот мора да има европска перспектива. Знам дека шансите за европска иднина ги има и помагаат на демократските сили во сите регионални земји и влијаат на нивниот општ напредок и без сомнение ја зајакнуваат целокупната соработка меѓу нас, што во конечен став се резултира со зголемување на вкупната безбедност во регионот.
Се разбира јасно ми е дека многу зависи од нас и од нашите резултати како земја во однос на реформите, владеењето на правото и борбата против корупцијата, а за овие прашања неодамна многу јасно го кажав својот став во повеќе прилики. Сепак, исто така мора да дадеме надеж и за перспективите на регионот, а тоа апсолутно не е можно ако ја немаме пред себе јасно европската цел.
Отсуството на значајни резултати во процесот на интеграција го намалува неспорно ентузијазмот за реформи и создава ризик од можно нивно забавување, дури и поништување. Како алтернатива на реформите, владите и политичарите често знаат да се впуштат во популистички одлуки и политики, често со националистичката нијанса, а актерите од трети страни кои имаат лоши намери во регионот можат да ја злоупотребат таа ситуација.
Немањето европска перспектива им дава глас на можните нереални алтернативи. Ставовите повремено искажани во јавноста кај нас и во регионот, па и пошироко дека постојат некои други алтернативи, дека може да се направи реориентација на надворешната политика, дека наводно може да се направи реевалуација на приоритетите, немаат според мене стабилна основа и, згора на тоа, немаат ни потенцијал во себе да бидат спроведени а тоа да има успешни ефекти за нашето општество.
Поради заморот на ЕУ за регионот, кој е неспорен, кој е јасен, другите актери ја зголемија нивната улога во обезбедувањето на таканаречените алтернативи за двојната интегративна агенда, и притоа тие го користат своето влијание во обесхрабрување на прогресивните сили во регионот, кои јасно ја посакуваат интеграцијата на Западен Балкан во целина.
Северна Македонија направи стратешко отворање кон сите пет соседи како придонес кон стабилноста на регионот. Потпишаната Билатерална спогодба со Бугарија ги спушти тензиите меѓу двете држави. Во исто време, по години неактивност, процесот на преговори со Грција околу името беше обновен и резултираше со потпишување на Преспанскиот Договор кој пак ја отвори вратата за членство во НАТО. Ние се разбира сме подготвени дополнително да ги унапредиме нашите односи и соработка со сите пет соседи.
Убеден сум дека земјата ќе продолжи да ја промовира својата отвореност за соработка и да го зајакнува својот потенцијал за гарантирање на безбедноста и на регионално и пошироко ниво. За таа цел, веќе го зголемуваме нашиот ангажман со партнерите во таа насока.
На сите учесници на овој Форум на Маршал Центарот им посакувам успешна дебата, и сум цврсто убеден дека ваквите собири помагаат во целокупното разбирање на современите безбедносни предизвици, а нивната крајна цел е да помагаат во изнаоѓање на решенија за овие предизвици“.