Пендаровски: Целосна обединетост и солидарност по завршување на војната во Украина

Сподели

 

Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на учеството на Светскиот економски форум во Давос, денеска се обрати на панел сесијата „Во одбрана на Европа“, на која говореа и Анджеј Дуда, претседателот на Република Полска, Гитанас Науседа, претседателот на Република Литванија, како и Хозе Мануел Алваерез Буено, министер за надворешни работи, ЕУ и соработка на Шпанија и Светлана Тихановскаја – лидерка на Демократските сили на Белорусија.

 

Претседателот Пендаровски оцени дека и покрај војната во Украина, предизвиците и мултиплицирањето на кризата охрабрува покажаната солидарност, не само на европско ниво, туку и трансатлантската солидарност, што, според негова оценка, е на ниво кое не било со години и оттаму треба да се црпи надежта за годината пред нас.

Претседателот Пендаровски посочи дека неопходно е и по завршување на војната во Украина да биде одржана европската, како и трансатлантската обединетост и солидарност, додека ако секој се сврти кон националните интереси, тоа ќе биде тешко одржливо. Претседателот потенцираше дека демократиите мора да се држат заедно, и да се борат за зачувување на демократските вредности затоа што во спротива ќе преовладаат автократските и диктаторските режими. Најважно, според него, е да биде одржана целосна обединетост и солидарност по завршување на војната во Украина.

Прашан за безбедносните предизвици на Западен Балкан, претседателот Пендаровски посочи дека во регионот има две чувствителни точки – Република Српска и северот во Република Косово, каде што има обиди за нарушување на интегритетот на овие земји. Претседателот Пендаровски оцени дека ранлива точка во европската безбедносна архитектура, настрана од Украина, е Западниот Балкан и НАТО и ЕУ треба да обрне внимание на ова.