ПЕНДАРОВСКИ: Вонредна состојба во државата и наредните 30 дена

Сподели

 

Претседателот на државата Стево Пендаровски на денешната прес-конференција ја информираше јавноста дека ќе донесе одлука за продолжување на вонредна состојба за уште 30 дена.

„Вчера го добив предлогот за воведување на вонредна состојба во следните 30 дена. Согласно процените, jасно е дека е потребно повторно прогласување на вонредна состојба. Одлуката ќе ја донесам согласно моите уставни надлежности и ќе трае следните 30 дена. Уставотворецот нема предвидено ваква ситуација, Собранието да не работи и да не може да ја потврди мојата прва одлука за вонредната состојба. Во ситуација кога пратениците земаат плата, кога ниту од нив нема побарано апанажа по завршување на мандатот, значи дека тие се сеуште со валиден мандат, а Собранието сепак не работи, јас ја преземам одговорноста за ваква одлука затоа што имаме ситуација без преседан, кога е далеку поважно да ги сочуваме животите и здравјето на луѓето, отколку да се криеме зад правни толкувања“, – изјави претседателот Пендаровски.

Тој ги повика политичките чинители во државата да се изјаснат за начинот на продолжувањето на вонредната состојба во државата во следниот период, бидејќи со ваква ситуација сите ќе се соочат и на средината на мај.