Перформансот „Безвременски прикаски“ вечер во Драмски

Сподели

Со кореографија од Ирена Лозинска, по мотиви од творештвото на Кафка, вечер во 20 часот на малата сцена на Драмскиот театар во Скопје ќе биде изведен перформансот „Безвременски прикаски“. Ова е втора претстава од Неделата на независниот театар, што вчеравечер беше отворена со изведбата на „Еволуцијата на насилството“ на „Артема“.

Музички соработник и композитор на „Безвременски прикаски“ е Енес Беговски, а за уметничкиот видеоприказ се погрижи Доријан Миловановиќ.  Играат: Исидор Јованоски, Ана Левајковиќ Бошков, Хакан Даци и Нела Павловска.

Станува збор за перформанс во кој преку разните танцови стилови, современ танц, буто-техника, импровизација, актерски задачи и текст од самиот автор, преку кореографија, сценски движења и различен тип театар, четворицата актери интерпретираат дел од творештвото на Кафка.

Перформансот е збогатен со видеопроекции и со музика во живо од изведувачот на амбиентална музика со неговиот ударен инструмент „handpan“.