САМИТ100 за Бизнис лидери од Југоисточна Европа на 16 и 17 октомври во Скопје
Шестиот годишен „Самит 100“ за бизнис-лидери од Југоисточна Европа ќе се одржи во Скопје на 16 и 17 октомври.
На прес-конференцијата, Претседателот на УО на САМИТ100 и Генерален директор на Алкалоид, г-дин Живко Мукаетов и Програмскиот директор на САМИТ100 и Партнер во Алба Партнери, г-ѓа Јелена Радуловиќ најавија дека Скопје и Република Македонија преку уникатната регионална бизнис платформа САМИТ100 ќе бидат домаќини на повеќе од сто реномирани бизнис лидери и највисоки политички претставници од Југоисточна Европа кои во текот на двата дена ќе дискутираат за потенцијалите и можностите на регионот како целина.
„САМИТ100 е создаден како регионална иницијатива и токму затоа членови во нашиот Управен одбор се претставници на стопанството од целиот регион на Југоисточна Европа. Како претседател на Управниот одбор, но и како директор на компанија која работи регионално и меѓународно, свесен сум за силата и значењето на заедничкиот настап и поврзаноста на нашите земји. Имено, гледано во светски рамки нашите пазари се мали, но обединувајќи ги интересите и капацитетите во заеднички настап можеме да бидеме сериозно меѓународно конкурентни и истовремено да го свртиме вниманието на глобалниот бизнис кон инвестицискиот потенцијали на земјите од Западен Балкан, Хрватска и Словенија. Како домаќин на овогодинешниот САМИТ100, навистина ми е драго што енергијата е препознаена од голем број бизнис и политички лидери кои ги очекуваме во следните денови во Скопје“, изјави г-дин Живко Мукаетов.
Проектот „Едисон“ е една од главните теми за која ќе се разговара на овој саем, а истиот предвидува електрификација на регионот, односно поставување на полначи за електрични автомобили во сите земји во регионот.
Мукатов додаде дека од досегашната организација на овој „Самит 100“, произлегол проектот „Феникс“, со кој градежните компании од регионот се здружиле за учество на трети пазари и на просторот на поранешниот СССР.
Програмскиот директор на „Самит 100“, Јелена Радуловиќ, информираше за содржината на панел-дискусиите што ќе се одржат, но како што кажа, целта е да се искористат предностите на заедничкиот настап на регионот во светски рамки за да се забрзаат порастот и развојот на економијата.
Една од целите е намалување и унифицирање на царинските процедури на земјите од регионот кои можат да бидат препознатливи по добрата храна и по туризмот.
– Учесниците ќе имаат можност да дискутираат за важноста на поврзувањето на регионот, слободното движење на стоките и на услугите и за тоа како локалните идеи можат да достигнат глобален успех. Работилниците ќе бидат посветени на енергетиката, економијата базирана на знаење, брендирање на производите од секторот храна, како и на дигитална економија и туризам – изјави Радуловиќ.
На премиерите од регионот ќе им бидат претставени заклучоците, а тие ќе го дадат својот осврт на „Новиот договор за новата доба“, кој воедно е и слоган на овој самит.
Еден од главните говорници е еврокомесарката за транспорт, Виолета Бул, претставници на водечките компании како „Горење“, „Бе-Ем-Ве“, „Подравка“, „Филип Морис“, „Убер“, „Бамби“, но и претставници на Европската банка за обнова и развој, Светска банка и др.