Во образованието владата прави малку, или недоволно. Оттука мојата реакција и желбата да го водам овој ресор, со целосна одговорност, вели во интервју за „Мета“ доскорешниот заменик-министер за образование, Петар Атанасов, кој со ова потврдува дека една од причините за оставката е и амбицијата да стане министер.
Тоа синоќа во телевизиско интервју го кажа и премиерот Заев „тоа го направи затоа што не стана министер за образование. Тој бараше од мене да стане министер за образование, но не стана министер“. Атанасов предупредува дека „треба да се запали црвеното светло“ и многу да се работи за да се подобри образованието. Оставката на Атанасов предизвика реакции во јавноста и го отвори прашањето, до каде сме со промените и реформите во образованието.
Најавивте дека сакате да продолжите со академската кариера. Би се вратиле ли некогаш повторно во политиката?
Академската работа е моја редовна професија. Желбата ми беше преку учество во политиката да се променат и придвижат работите. Јас не барав да влезам во СДСМ. Тие сами ме повикаа во 2013 година кога заглавија и програмски и идеолошки. Бараа поддршка и помош. Тоа не беше време за бавење со политика, особено опозициска. Беше време на опасно живеење. Јас се одлучив да го прифатам политичкиот ангажман затоа што работите во државата не одеа во добра насока. Во овој момент изгледа дека патиштата ни се разидуваат. Владата во некои ресори и сектори прави добри работи, но во некои не. Во образованието прави малку, или недоволно. Оттука мојата реакција и желба да го водам овој ресор, со целосна одговорност. Велам дека треба да се запали црвеното светло и многу да се работи за да се подобри образованието. А образованието е, како што велите, столбот на општеството. Во политиката може да се вратам само ако се изгради цврста политичка програма и со добар тим за да се разбие оваа неперспективност и безбојност. Македонија и Македонците можат многу повеќе.
***
Во практика нема ништо ниту од идејата за дигитализација на наставата која освен набавка на компјутерска опрема, бара подготовка на целосно нов концепт. Неколку месеци работевте на програма за воведување на дигитализација и медиумска писменост во првите нивоа на образование, но предлог-мерките велите дека останале во кабинетот на премиерот Заев. Што според вас, е причина за незаинтересираноста на владата во врска со ова прашање?
За големи промени потребни се добри и подготвени тимови. Кога ги немате барате поддршка од други институции и внатрешни структури. Да, подготвував и дизајнирав пилот-проект и барав поддршка од други институции затоа што МОН не беше подготвен за ова. Барав начин од септември да пробаме да проектираме виртуелна училница и да започнеме нов начин на предавање. Но, кога не го контролирате системот, не може ниту да го менувате. Според мое согледување, за овој но и други проекти, мислам дека е неопходен нов Институт за развој на образование, на местото на БРО, кој би бил државна институција каде ќе се креираат нови програми. Еве, по неколкумесечни анализи заклучивме дека дигитализацијата не може да се воведе без истовремено да ги зајакнете содржините за медиумската писменост. Секако, дека за ова ни е потребна и поголема помош, но не гледам дека структурите се заинтересирани за ова.
***
Бидејќи имавте можност да бидете безмалку една година внатре и да ги согледате проблемите од поинаков агол, ме интересира какво е вашето мислење за ресорот-столб во државата? Можеме ли да очекуваме крупни, сериозни и суштински промени во насока на подобрување на образованието и науката во државата?
Министерството за образование е најважната институција во системот на образование. Мислам дека прерано се пренесоа многу од ингеренциите на локално ниво. Општините не беа подготвени за тоа. Сега системот уште повеќе се прошири и се успори, а процесите многу потешко ќе се менуваат. Истовремено, повеќето од луѓето што ги предводат образовните институции, за нив дознаваат речиси пред да стапат на должност, без претходна подготовка. Затоа сето ова е многу некоординирано. Затоа капацитетот за промени е мал. Потребно е да се ангажираат сите постоечки ресурси и луѓе од праксата, како и да се земат искуствата од досегашните успешни проекти, за да се пристапи кон сериозни промени. Треба да се формираат разни совети, комисии, стручни тела, акциски групи, многу нешта со цел да се усогласат визијата за тоа што сакаме од образованието и нашите можности. Сојуз на сите за сите, нешто што ќе добие титулар на општествена и натпартиска цел.
Интервјуто на Петар Атанасов за МЕТА, во целост прочитајте го тука