Петиција за дозвола за користење на јавен транспорт во придружба на миленик

Сподели

 

Асоцијацијата за згрижување и вдомување на животни „Бездомни животни без граници“, покренува граѓанска иницијатива за инклузивен јавен транспорт во кој има место и за домашните миленици.

Поднесовме предлог на платформата на МојГрад до советниците на Зелен Хуман Град, за да биде истиот презентиран во советот на Град Скопје и конечно јавниот превоз во градот да стане достапен за сите граѓани, опфаќајќи ги граѓаните со миленици. Гласајте за еднаквост и слобода на движење со миленици! Нема причина зошто на уредно сместени миленици во транспортер или на поводник, да им биде забрането да патуваат со нивните сопственици! изјавија од Бездомни животни без граници.
 
“Граѓаните кои имаат миленици се една од најдискриминираната група на граѓани во Македонија. Имено доколку не располагате со сопствено возило, или немате доволно пари за такси на кратки и долги дестинации, Вие не смеете да користите ниту еден јавен транспорт било каде во земјава. Од една страна државата и институции промовитаат одговорно сопствеништво, ненапуштање на миленици (секако само на постери), од друга страна го скратуваат основното човеково право на слободно движење, оневозможувајќи ги луѓето со своите миленици да стигнат дури и до ветеринар и во најитните ситуации, а камоли да ги спроведуваат посакуваните семејни активности со нив.
 
Бараме измена и дополна на ОДЛУКА за линиски превоз на патници во градот Скопје да овозможи граѓаните со миленици да го користат градскиот превоз, без разлика дали нивните милениците се во служба на придружба, се додека се уредно сместени во транспортер за мали миленици или се на поводници кога станува збор за кучиња.”
 

Оттаму информираат дека според Одлуката за линиски превоз на патници на градот Скопје, возачите и контролорите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) имаат право да не дозволат животни во возилата на ЈСП.

Користејќи ја платформата „МојГрад“, здружението досега има остварено контакт со Советот на Град Скопје за започнување на оваа петиција, но за да дојде на разгледување треба да ја потпишат 10 отсто од гласачите на последните локални избори, што според бројките е 46.000 лица.