Петровска од Софија: Новата безбедносна реалност во Европа повикува на сплотеност и колективна безбедност

Сподели

 

„Новата безбедносна реалност на европскиот континент повикува на сплотеност и соработка, а нашата безбедност лежи во колективната безбедност на нашите сојузници во НАТО, бидејќи ние сме НАТО“, рече министерката Петровска при својата официјална посета на Софија.

 

 

Петровска порача дека заедничката научена лекција во изминатите три месеци е дека само кога сите сојузници во НАТО зборуваат во еден глас, кога стоиме заедно и работиме заедно, само така можеме да ја гарантираме нашата безбедност. Министерката ја поздрави одлуката на Бугарија да биде домаќин на мултинационалната борбена група на НАТО.

Имајќи ја предвид безбедносната ситуација во Европа, Петровска порача дека она што во моментов е неопходно е целосна интеграција и заедништво.

„Членството на Северна Македонија во НАТО значеше зацврстена безбедност и стабилност не само за нашата држава, туку и за нашите соседи, вклучувајќи ја и Бугарија која на дел од својата западна граница има земја – сојузник“, рече министерката.

Министерката порача дека на претстојниот министерски состанок на НАТО, како и на лидерскиот самит во Мадрид ќе се разговара за неколку важни документи за Алијансата – агендата НАТО 2030 и новиот Стратешки концепт на Алијансата. Информираше дека Владата останува посветена на правичното распределување на трошоците во рамките на Алијансата и стабилниот раст на буџетот за одбрана кој до 2024 година треба да го достигне нивото на 2 проценти од бруто-домашниот производ.