Наградата за човекови права на Советот на Европа – „Одисеј“ вчера ѝ беше доделена на македонската режисерка Теона Стругар Митевска за својот последен филм: „Господ постои, името ѝ е Петрунија“.
Како што соопштија од продукцијата „Сестри и Брат Митевски Продукција Македонија“, наградата била доделена во рамки на настанот „Европски кино звезди и платно“. Во состав на жирито биле 10 амбасадори во Советот на Европа, генералниот секретар на Советот на Европа и извршниот директор на „Еуроимажс“, Роберто Ола, а генералната оценка била дека филмот е величенствен.
Наградата „Одисеј“ се доделува по 19 пат и тоа во две категории: за особена уметничка креација и за човекови права. Минатогодишниот добитник за уметничка креација беше турскиот режисер Нури Билге Чејлан за филмот “Дивата Круша”, а годинава е награден Павел Павликовски за филмот „Студена војна“.
На вчерашната свечена церемонија во киното „Одисеј“ во Стразбург ѝ беше врачена наградата на режисерката Теона Стругар Митевска и беше организирана вечера со авторот и амбасадорите од Советот на Европа.