Пратеничката група од ВМРО ДПМНЕ во духот на нашето мото: конкретни предлози и чекори за позадоволни граѓани, во интерес на перспективна иднина, денес имаше посебна чест и задоволство да присуствува на амбасадорскиот состанок во канцелариите на делегацијата на ЕУ, каде присуствуваше Евроамбасадорот Жбогар и амбасадори на земјите членки на ЕУ.
Целта на посетата беше во наше име да им се обратиме и да образложиме зошто сметаме дека треба да добиеме датум за отпочнување на пристапните преговори за влез во ЕУ.
Изготвивме писмо со кое им се обративме, во коешто наведовме дека македонската приказна заслужува шанса за успех, одделена од која било друга земја аспирант. Во прилог на тоа, потенциравме дека 10 години добиваме препорака за отпочнување на преговорите, факт кој покажува исполнување на важни критериуми.
Средбата беше многу продуктивна, имавме плодна дебата на која разменивме мислења во конструктивна атмосфера.
Заслужуваме шанса да го отпочнеме процесот, бидејќи активно работиме на подобрување на легислативата согласно ЕУ законодавството, го решивме проблемот со името и имаме одлична соработка со сите соседи. Но, за да се задржи динамиката на реформи, потребна ни е политичка одлука од ЕУ за датум за преговори, кој беше најавен претходната година од високи авторитети на Европската комисија. Денес стоиме исправени кон глобални промени, геополитички потреси и тоа е уште една важна причина нашата држава да се приклучи кон најцврстиот и најсилниот политички и економски сојуз, а тоа е ЕУ.
Свесни сме за изгубеното време и слабости, но тоа може да го промениме, ако што поскоро добиеме датум за почеток на преговорите – стои во соопштението на НЕЗАВИСНА ПГ на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија.