ПЛАНЕРИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ “ТИТАНИК” – Георги АЈАНОВСКИ

Сподели

Додека се уште се спорат минатонеделните изборни резултати, се коментираат гласачките нерегуларности, пропустите и потфрлувањата на ДИК, додека се прават најразлични комбинации околу формирањето на идната влада, се прогнозираат шансите за преживување на СЈО, а истовремено се острат ножеви за опозициските противници, некако воздржано беше доживеан еден демократски подвиг: тој ден, Македонија го победи деценискиот замолк, стравот, безнадежта, помирливоста, успеа да се исправи, да застане на нозе, да го крене својот глас против автократијата, политичкото насилство, газењето на правото и правдата и многу посмело да тргне во својата демократска преобразба. Едноставно, таа повеќе не беше истата од претходниот ден, од сите претходни десет години. Осамна променета, надежна, полетна, ослободена од хировите на еден безмилосен режим, воспоставен од неколкумина политички психопати, ненаситни клептомани, злосторнички организирани во тиранизирање на нејзините граѓани.

Таа ноќ, стана јасно дека партијата која што се фалеше дека е непобедлива и вечна, дека својата сила и моќ ја црпи од народот, најсилна клоца доби токму од него: околу 620.000 граѓани од разна политичка, етничка и верска припадност рекоа: доста беа манипулациите со народната волја, со лажните изборни победи со крадењето на гласачките кутии, со подмитувањето, рекетирањето и уценувањето на преплашените луѓе. Дека таа партија никогаш повеќе не ќе може да си игра дрн-дупка со македонскиот парламентарен живот, со Уставот и со законите донесувани по телефонски налог на нејзиниот лидер.

Дека тој лидер никогаш повеќе не ќе може да биде премиер што истовремено управува со извршната, законодавната и судска власт, или поточно со сите држвни механизми, пред кој што претседателот на државата ќе има загарска улога, неговиот кум немилосрдно ќе ја раскрчмува државната каса, а неговиот братучед тајната полиција ќе ја употребува за контролирање на човечките животи и интимите во нашите спални. Премиер, што ќе измислува нови историски корени на својот народ, ќе гради дизнилендски плоштади и барокни зданија од стиропорска трајност, по сопствен ќеф ќе менува урбанистички планови за потребите на своите приватни сараи. Макар бил и поранешен, тој не ќе смее по изборниот пораз да вреска и да плаче дека некој друг е виновен што државата била доведена до питачки стап, дека некакви жолти комбиња, шпиунски центри и странски амбасади му подметнале граѓанска пизма и општонароден револт, а тој за возврат ќе поставува антизападни бедеми за одбрана на својата лажна демократија.

Според тоа, присуствуваме на предсмртната агонија на еден режим, на збрлавената, испаничена и избезумена груевистичка булумента, која што очајнички се обидува да го спречи враќањето на одземената слобода, на навестените промени и демократски реформи, кои што залутаниот македонски брод ќе треба да го преносачат кон пристаништата на европската безбедност и соработка.

Во меѓувреме, СЈО и екипажот на Катица Јанева ќе добијат одврзани раце од саботерите на “Титаник”, да побараат судски отчет меѓудругото и за тоа кој наредил под машински преси да бидат уништени бродскиот дневник и доказите за планираниот бродолом и која била крајната цел на таа злосторничка дружба да изведе еден таков монструозен антидржавен зафат.