По железничката несреќа, оставка поднесе грчкиот министер за транспорт

Сподели

 

По трагичниот судир на два воза во долината Темби во Грција, на подрачјето меѓу градот Лариса и познатото туристичко место Неи Пори, во која загинаа најмалку 36 лица, а 85 се повредени, оставка поднесе грчкиот министер за инфраструктура и транспорт, Константинос Караманлис, јави грчкиот весник „Катимерини“. Одговорноста за несреќата врз себе ја презел шефот на железничката станица „Лариса“, откако претходно беше уапсен.

Не функционирале основните безбедносни мерки што би спречиле железничка несреќа, објасни за грчкиот весник „Катимерини“, Василис Завојанис, член на одборот директори на железничката компанија „ТРАИНОСЕ“, по страотниот судир на два воза пред полноќ во долината Темби во Грција.

Константинос Караманлис оставката ја поднесе по посетата на местото на несреќата.

„Ова е најмалиот чин на почит за споменот на луѓето што неоправдано си заминаа и преземање одговорност за постојаните грешки на грчката држава и политичкиот систем“, вели, меѓу другото, 49-годишниот министер во соопштението за оставката.

„Факт е дека ја примивме грчката железница во состојба што не одговара на 21. век. Во овие три и пол години, го направивме секој напор за да ја поправиме оваа реалност. За жал, овие напори не беа доволни за да се спречи ваква несреќа“, образложи Караманлис.

Тој потоа нагласува дека не може такви трагични настани да се одминат како ништо да не се случило, оти станува збор за политичка одговорност и тој смета дека суштински дел на демократијата е „жителите на нашата земја да веруваат во политичкиот систем“.

„Од таа причина, си поднесувам оставка на функцијата министер за инфраструктура и транспорт. Тоа е нешто што го чувствувам како должност, како минимален знак на почит за споменот на луѓето што неоправдано си заминаа“ вели Караманлис.

Тој беше на местото на несреќата заедно со премиерот Кирјакос Мицотакис, кој порача дека ќе се стори сѐ за да се откријат причините за несреќата и да се преземат мерки такво нешто никогаш да не се повтори.

Шефот на станицата „Лариса“, кој претходно беше уапсен,  ја презел врз себе одговорноста за несреќата, велејќи дека станува збор за трагична грешка и погрешен тајминг. Против него е поднесен обвинителен акт за сериозно кривично дело.

Во директниот судир на товарен воз и на патнички воз кој сообраќал на линијата Атина – Солун, и превезувал околу 340 патници и 12 членови на екипаж, загинаа најмалку 36 луѓе, но според спасувачите на терен, бројката веројатно ќе расте, оти уште луѓе во ужасно деформираните вагоини./Мета.мк