Со утринските вести во 10 часот и 30 минути, денес, 25 јануари, официјално започнува продукција на нови програмски содржини на Собранискиот канал. Покрај директните преноси на пленарните седници и снимките од седниците на работните тела ќе имате можност да следите и програмски содржини со кои ќе се постигне нов стандард во парламентарната транспарентност, со што собраниските активности најнепосредно се доближуваат до граѓаните. Ќе имате можност да ги следите следните програмски содржини:
Емисијата од информативен карактер за дневните собраниски активности „Вести“ ќе се емитува три пати дневно во текот работната недела и тоа во 10:30 часот, 14 и 30 и 18 часот и 30 минути. Гостин во првите вести на Собранискиот Канал, денес (четврток,25 јануари ) во информативното издание во 14 часот и 30 минути е Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија
Во емисијата „Законодавен брифинг“ ќе бидат презентирани предложените и донесените закони, со цел јавноста да биде целосно и изворно информирана за целите на предложените и донесените закони. Емисијата „Собраниска ризница“ ќе ги претстави просторните содржини во Собранието, нивниот историјат и значење.
„Интервју“ ќе опфати интервјуа со раководството во Собранието и државата; со поранешни претседатели на Собранието; со претставници на организации кои учествуваат во законодавниот процес и слично.
Ќе се емитуваат и настани поврзани со нашата држава кои се одржуваат во Европскиот парламент, Организацијата на Обединетите Нации и други меѓународни организации, како и содржини произлезени од соработка со други парламентарни канали.
За време на претседателските и парламентарните избори 2024 година на Собранискиот канал ќе имате прилика да го проследите бесплатното политичко претставување на кандидатите, за време на кампањата, од 16 до 22 часот.
По завршување на парламентарните избори ќе се емитува и емисијата „Вашиот пратеник“ со која ќе биде претставен секој пратеник, и емисијата „Економски паралментарен брифинг“ на која ќе има дебати за економските закони.
Почетниот период на работа на Собранискиот канал со презентираните содржини ќе трае шест месеци, по кој програмските содржини ќе се збогатат.