Почина легендарниот Бора Чорба

Сподели

Фронтменот на групата „Рибља чорба“, легендата на југословенската музика, Бора Ѓорѓевиќ почина денеска, 4 септември, на 72-годишна возраст во Љубљана каде бил хоспитализиран.

Официјалната страница на групата „Рибља чорба“ ја објави веста за неговата смрт.

-“Почитувани пријатели, со тага и жал ве известуваме дека нашиот пријател и брат, Борисав Бора Ѓорѓевиќ не напушти. Почивај во мир драг наш Боки. Борисав Бора Ѓорѓевиќ. 01.11.1952 – 04.09.2024 година”, стои во објавата.

Борислав Бора Ѓорѓевиќ, познат и како Бора Чорба, е српски писател, поет, актер и рок музичар и фронтмен на бендот Рибља чорба. Роден е на 1 ноември 1952 година во Чачак. Од 1978 година е фронтмен на групата Рибља чорба, со која сними дваесет студиски албуми за повеќе од четири децении работа, а објави исто толку снимени концерти и компилации.

Бора има објавено и десетина книги, а неговата стихозбирка „Пустински остров“ ја доби наградата Оскар „Иво Андриќ“ во 2018 година.

По објавата за смртта на легендата се огласи и српскиот претседател Александар Вучиќ кој на својот Инстаграм профил се прости од Бора Чорба:

„Отиде великанот, замина нашиот Бора. Не задолжи со својата песна и огромната љубов кон Србија. Нека му е вечна слава и Бог нека го прости. Се раздени над црквата Свети Марко, и така ќе биде во децениите кои доаѓаат“ напиша Вучиќ на Инстаграм.

И фудбалскиот клуб Црвена Звезда се опрости од нивниот фан, Бора Чорба.

“Легендарниот рокер и фронтмен на групата „Рибља чорба“, а воедно и голем звездаш – Бора Ѓорѓевиќ почина во 72-та година од својот живот. Црвена Звезда изразува длабоко сочувство до семејството на Ѓорѓевиќ.”