Денеска на 85 годишна возраст, во Скопје почина маестро Александар Џамбазов, македонски диригент и композитор. Веста за смртта на маестро Џамбазов ја објави неговиот син, актерот Игор Џамбазов.
“Си замина нашиот МАЕСТРО, тивко и нечујно, како што живееше во последните 25 години…од денес, конечно со својата Анче…вечен нека ни е споменот на тебе, маестро мој…”
И Сојузот на композитори на Македонија (СОКОМ), се прости од маестро Џамбазов.
„Сојузот на композиторите на Македонија со огромно жалење соопштува дека денес почина истакнатиот македонски композитор, диригент и долгогодишен член на СОКОМ, маестро Александар Џамбазов (03.02.1936-25.01.2022)“
Музичкото образование го оформува во Скопје (Нижо музичко и Средно музичко) и во Белград каде што дипломира на Музичката академија во 1960 година. Работниот век го минува во Македонската радио-телевизија, најнапред како соработник во музичките редакции (1960 – 1964), а потоа како диригент на Танцовиот оркестар на чие место останува сè до крајот на неговиот работен век. Од оваа позиција неговото име се врзува со втемелувањето на фестивалот на забавни мелодии „Скопје“, а ширината на радиусот на неговиот интерес придонесува да биде основоположник и на најпознатиот фестивал на детска песна во Македонија – „Златно славејче“. Во истовреме, како активен проследувач и актер на музичките настани се впушта во широка музичко-општествена активност низ која остварува битно позитивно влијание врз развојот на музичката култура во сите нејзини облици во четирите последни децении од дваесеттиот век.
Како диригент Џамбазов извршил мисионерска улога во популаризацијата на музиката за танцов и ревиски оркестар при што особени заслуги има за поттикот што со тоа го дава за овој вид творештво кај голем дел од помладите композитори. Тоа не е пречка да создаде респектибилен творечки опус во кој, освен популарните жанрови, има и дела од класичната музика што му припаѓаат на оркестарското, камерното и хорското творештво. Сево ова било валоризирано и низ многубројните признанија, меѓу кои се и највисоките државни („11 Октомври“ за животно дело, „13 Ноември“ и др.) и стручни награди.
Творештвото на Александар Џамбазов главно припаѓа на популарните жанрови. Повеќе од 40 години неговите композиции беа неодминлив дел на најпознатите македонски фестивали и фестивалите во поранешна Југославија. Одличната професионална подготовка стекната низ школувањето во Скопје и Белград и природната дарба му овозможија да остави голем број мелодии од кои некои се вбројуваат во евергрините на македонската популарна песна. Можеби и заради фактот што низ нив, некогаш директно, а некогаш како далечен одглас провејува карактерот на нашето музичко поднебје. Особено е значајно неговото творештво на полето на детската песна. Во првите петнаесетина години од постоењето на фестивалот „Златно славејче“ неговиот авторски придноес во програмата овозможи фестивалот да израсне во еден од најбитните фактори во музичкото воспитување и образование на најмладите. Некои од неговите песни со задоволство се слушани и денес. Во делот на класичната музика Џамбазов напишал неколку маркантни композиции, од кои една („Рапсодија за Скопје“ за пијано и симфониски оркестар) е добитник на највисоко признание на
меѓународниот фестивал во Кава де Тирени – Италија. Неговиот музички израз е умерен и се темели врз стилските карактеристики на минатите епохи, без навлегување во авангардните музички струења.
ТВОРЕШТВО
ОРКЕСТАРСКО: Рапсодија за Скопје, – за пијано и симфониски оркестар, (1966); Седум танцови варијации, – за пијано и симфониски оркестар, (1977); Дојди, – за танцов и ревиски оркестар, (1984); Малку старо, малку ново, – за танцов и ревиски оркестар, (1984); Југо саунд, – за танцов и ревиски оркестар, (1984); Љубов неверна, – за танцов и ревиски оркестар, (1984); Во борба, – за танцов и ревиски оркестар, (1986); Реминисценција, – за пијано и танцов оркестар, (1987); Балада за Шпато, – за танцов и ревиски оркестар, (1987); Како некогаш, – за танцов и ревиски оркестар, (1987)
ХОРСКО: Да бидеш млад; За вечна дружба и мир; Земјо родна; Кренете младинци глас; Младинска; Нашиот завет; Песна, пролет, младост; Само мир; Скопје расте; Студентска; Знаме наше Тито, – за хор и пијано, (1977); Посвета, – за детски хор, (1981); Порака, – за мешан хор, (1981); Балада за една бреза, – за женски хор, (1982); Тутуноберачите за мешан хор, (1982); Сите сме Тито, – за мешан хор, (1983); На татковината, – за мешан хор, (1985)
КАМЕРНО: Хумореска, – за виолина и пијано, (1956)
ГЛАС И ПИЈАНО: Денови; Насмевка пред зорите; Месечева љубов (1967)
ЗАБАВНИ МЕ ЛОДИИ: Над 150, меѓу кои и: Логорска, (1963); Пелистерски очи, (1963); Црвени каранфили,(1965); Дојди, (1967); Срамежливи, (1968); Јужна ѕвезда, (1968); Довидување, (1969); Да нема разделби, (1970); Охрид и јас,(1970); Само ти, (1971); Запрете возови,(1974); Илинденска, (1984); Татковина, (1984);
ПЕСНИ ЗА ДЕЦА: Песна за Скопје; Да, да, да, (1971); Медо и пчелите, (1971); Пеперутка, (1971); Деца, (1972); Еј гулаби, гулаби бели, (1972); Мал војник, (1972); Песна за загубените нешта, (1972); Првото ѕвонче, (1972); Приспивна, (1972); Белиот мачор, (1973); Гавран Гачко, (1973); За сите деца, (1973); Зошто, (1973); Калимеро, (1973); Песна за Раноко (1973); Дојди во Скопје, (1974); Зима дојде, (1974); Роденден, (1974); Сакам светот да е дружба, (1974); За мојата татковина, (1975); Знаме, (1975); Што е слобода, (1975); Две петлиња, (1976); Мојата учителка, (1976); Пионерска песна, (1977); Тито, (1977); Курирчиња, (1978); Мајка, (1978); Сите пееме за Гоце, (1978); Мојот брат е војник Титов, (1984); Мојот роден крај, (1984); Штафета, (1984);
МУЗИКА ЗА ФИЛМ И ЗА ТЕАТАРСКИ ПРЕТСТАВИ: „Мементо“; „Бумеранг“; „Двајца на нишалка“; „Доживувањата на Томчо Палчо“; „Мајка“; „Мустаќите на Зајко Рококајко“; „Свадба“; „Скуп“. Марко Коловски, музиколог (книга „47 македонски композитори“, 2013).
Слава му!