Почина Оливера Николова, мајка на македонските писателки

Сподели

Почина Оливера Николова, родена во Скопје, во 1936година, македонска писателка за возрасни и за деца, една од најплодотворните, најнаградувани и најчитани македонски писателки.

И покрај богатиот книжевен опус, Оливера Николова е најпозната како автор на првиот градски лик во македонската книжевност – Зоки Поки. За своето творештво, Николова добила бројни награди. Во декември 2013 година, Оливера Николова го одбележала јубилејот 50 години од литературното творештво, исто колку и познатиот лик од нејзините раскази за деца, Зоки Поки. По тој повод, издавачката куќа „Детска радост“ објавила избор од творештвото на Николова во три тома, насловени како: „Ти чука ли срцето за мене?“, „Ми чука ли срцето за тебе?“ и „Ни чукаат ли срцата за нас?“. За своето книжевно дело, Николова ги освоила наградите „Стале Попов“, „Рациново признание“, два пати „Роман на годината“, „Рациновото признание“ и наградата „ПрозАРТ 2022“ на фестивалот „Про-за Балканот“ за авторски придонес за развојот на книжевноста на Балканот. Во февруари 2016 година, за романот „Кадифената покривка“ (издание на „Матица македонска), Николова ја добила наградата „Стале Попов“ за најдобра прозна книга во 2015 година. Истовремено, романот „Куќичка“ бил објавен на српски јазик, во издание на „Арка“ од Смедерево.Оливера Николова е автор на неколку телевизиски игри: „Зоки Поки“ (тв-куклена серија); „Среќен пат, Зоки!“ (тв-куклена серија, со Глигор Поповски и Видое Подгорец); „Девојките на Марко“ (тв-серија во шест епизоди). Исто така, таа е автор и на неколку радио-игри: „Земја во која не се стигнува“, „Игра за мама“, „Од палец до сон“, „Како расте татковината“, „Големото зошто“ итн.

Издавачката куќа „Арс Ламина“, под својот импринт „Арс Либрис“, во 2022 година го реобјави целокупното творештво за возрасни од Николова. Книгите, кои се дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, се во ново руво и со нови поговори од значајни македонски професори, книжевници и писатели.