Парламентарното собрание на Советот на Европа го почнува редовното есенско заседание во Стразбур, на кое ќе се расправа за ситуацијата во Турција по неуспешниот воен удар и политичките последици од кризата во Украина.
На заседанието, кое ќе трае до 14 октомври, пред пратениците од 47 земји-членки на Советот на Европа, ќе се обрати францускиот претседател, Франсоа Оланд, германскиот министер за надворешни работи, Франк Валтер Штајмаер, и шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу.
Претседателот на Меѓународниот олимписки комитет, Томас Бах, исто така ќе се обрати пред пратениците во Стразбур.
Пратениците ќе расправаат и за правата на децата, лекциите научени по аферата „Панама пејпрс“, за да се обезбеди подобра фискална и социјална правда, како и соработка со Меѓународниот кривичен суд.
На отворањето на заседанието ќе биде доделена и наградата „Вацлав Хавел“, која се доделува секоја година за особен придонес во зачувување и во промоција на човековите права.
Генералниот секретар на Советот на Европа, Торбјорн Јагланд, ќе одговара на пратенички прашања.