Обединетото Кралство денеска ги почнува историските преговори за излегување од ЕУ, односно Брексит, една година откако гласачите на референдум се определија за напуштање на европското семејство.
Британскиот министер за Брексит, Дејвид Дејвис, главниот преговарач на ЕУ, Мишел Барние, и нивните тимови, го почнаа состанокот во Брисел претпладнево, а на крајот на денот ќе одржат прес-конференција.
Преговорите почнуваат во атмосфера на несигурност за намерите на владата на Обединетото Кралство, откако британските гласачи на предвремените парламентарни избори на 8 јуни „го одбија“ таканаречениот манифест за брз Брексит, со тоа што не ја дадоа очекуваната гласачка доверба, па владејачката Конзервативна партија го загуби мнозинството во парламентот.
Преговорите ќе бидат макотрпна работа, оти ќе се „размрсуваат“ 44 години заедничка историја, внесена во илјадници страници законски текстови. Процесот на истапување на Обединетото Кралство од ЕУ ќе треба да заврши за помалку од две години, најдоцна до март 2019 година, освен ако другите 27 членки на ЕУ не решат да ги продолжат преговорите.