Подемот на (крајно) екстремната десница – Мурат Алиу

Сподели

Без разлика дали ќе го наречеме десничарски или неофашистички, зголемениот бран на авторитарни тенденции во Европа не може да не се сфати сериозно, пишува Мурат Алиу за Рес публика.

Изборите за Европскиот парламент (ЕП) одржани годинава се водич за разбирање на новите политички трендови забележани низ европскиот континент. Овој пат, седумте политички групи во ЕП кои произлегоа од изборите во 2019 година, беа поделени во малку подиференцирани подгрупи. Така, гледано од поопшта перспектива, центарот се префрли надесно, екстремната десница се искачи на главната позиција на опозицијата, а социјалистичката левица создаде нови подгрупи и постигна релативен успех во одредени земји.

Најинтересната вест што произлезе од изборите беше несомнено фактот дека подемот на екстремната десница достигна сериозна точка во многу земји. По партијата „Браќа на Италија“ која дојде на власт во Италија во 2022 година, Националниот фронт на Ле Пен (Rassemblement National), стана првата партија во Франција, добивајќи 32 отсто од гласовите.

Во Германија, АфД (Алтернатива за Германија) стана втора партија со 16%, а во Австрија екстремно десничарските партии го зголемија бројот на освоените гласови.

Покрај тоа што двете главни екстремно десничарски групи стигнаа до точка да се натпреваруваат со социјалдемократите (освоија 136 пратенички места) за второто место, треба да се земе предвид и фактот дека сите европски централни партии вклучуваат екстремно десничарски политики, факт што на некој начин треба да се чита како зајакнување на нео-фашизмот.

Несомнено, изборите дадоа најизненадувачки резултати во Франција. Десничарско-либералната група „Reneë Europe“ (групата е наследник на групата Алијанса на либерали и демократи за Европа  – АЛДЕ, која во текот на три мандати од 2004 до 2019 година, под различни имиња беше дел од претходните парламенти) предводена од партијата на Макрон Преродба (Renaissance), загуби 20 места низ целиот континент и ја заврши трката со вкупно 82 места во ЕП.

Во меѓувреме, Националниот фронт на Марин Ле Пен, кој го зазеде првото место со 32 отсто од гласовите, го принуди претседателот Макрон да распише предвремени парламентарни избори во Франција. По Италија, земја во која екстремната десница е најблиску до власт е Франција. Вкупните стапки на гласови за екстремната десница во земји како Германија, Белгија, Холандија, Италија, па дури и Шпанија покажуваат дека ситуацијата е на сериозна точка на континентално ниво.

Важен факт е дека на овие избори стапката на учество беше 51% низ Европа, што значи зголемување за приближно 1 поен во однос на изборите во 2019 година.

Во однос на целокупната равенка, широката коалиција (десниот центар, левиот центар и либералите), која де факто стои зад претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен, ќе продолжи да има мнозинство во ЕП.

Групата на Европската народна партија на Фон дер Лајен постигна мало зголемување на вкупниот број места и повторно ја заврши трката како прва група со вкупно 188 европратеници. „Победничкиот“ говор на Лајен по објавувањето на неофицијалните резултати ја отсликува атмосферата дека центристичките партии сè уште ги држат уздите пред подемот на екстремната десница. Екстремната десница – главна опозиција во ЕП Групата на европски конзервативци и реформисти (ECR), која е во просек помеѓу десниот центар и авторитарната екстремна десница, е четврта сила по големина во ЕП со освоени 78 пратенички места. Така, во однос на изборите во 2019 година, таа успеа да го зголеми бројот на пратеници за 8. Авторитарната десница на Полска, „Партијата на правото и правдата”, италијанската „Браќа на Италија” на Џорџија Мелони, „Вокс” од Шпанија и ODS (Civic Democratic Party) на Чешка – се дел од оваа формација, со други екстремно десничарски, неофашистички, популистички и авторитарни партии.

Екстремно десничарското или неофашистичкото крило на Европскиот парламент, Групата за идентитет и демократија (ID), ја зголемуваше својата ефективна застапеност во секој изборен циклус. Така, на изборите во 2019 година, оваа група освои 49 мандати, додека на годинешните избори е претставена со 58 пратеници.  

Оваа група, која ги вклучува германската AfD, француската Национален фронт на Ле Пен и италијанската партија Лига на Матео Салвини, е главниот поборник на неофашистичката политика, особено на антиимигрантските чувства, во Европскиот парламент. Австриската Партија на слободата (ÖVP) и Flemish Interest Party (Fİ) се неофашистички партии кои исто така треба да се споменат.

Двете екстремно десничарски групи во ЕП, имено Европската група на конзервативци и реформисти и Групата за идентитет и демократија, претставуваат политика која се спротивставува на американскиот пристап во однос на војната во Украина. Од друга страна, и двете групи силно ги бранат конзервативните вредности против жените и ЛГБТИ+.

Често се мисли дека нивната анти-естаблишмент реторика исчезнува кога ќе дојдат на власт од опозицијата и брзо стануваат про-естаблишмент.

Можеби делумно е така. Но, и покрај ова, тие не се откажуваат од своите авторитарни ставови кон еднаквоста и социјалните слободи.

Урсула фон дер Лајен по втор пат претседател на Европската Комисија

На 18 јули, Европскиот парламент со 401 глас „за“, 284 „против“ и 15 „воздржани“ по втор пат ја реизбра Урсула фон дер Лајен за претседател на Европската комисија, кандидат на Европската народна партија (ЕПП).  Реизборот на фон дер Лајен за претседател на Европската комисија беше очекуван и претставува „позитивен“ чекор за сите земји-членки на ЕУ и земјите кандидати за членство.

Во својот говор по нејзиниот реизбор, Лајен зборуваше за приоритетите на ЕУ за време на нејзиниот мандат. Важно е дека главните приоритети на ЕУ ќе продолжат да бидат натамошното проширување на ЕУ, спречување на подемот на екстремната десница, воената и финансиската помош за Украина, спречување на миграцијата итн.

Фон дер Лајен нагласи дека нема да дозволи Европа да се распарчи „ниту одвнатре, ниту однадвор“, велејќи: „Никогаш нема да дозволам екстремна поларизација во нашите општества. Никогаш нема да прифатам демагози и екстремисти да го уништуваат нашиот европски начин на живот. Денеска сум тука со сите демократски сили во овој дом…Спремна сум да ја водам борбата.“

Крајната десница како сериозен предизвик

Не е јасно кои се главните причини за овој резултат. Постојат неколку фактори кои на еден или друг начин влијаеле на подемот на екстремната десница: перманентното зголемување на имигрантскиот бран во последните 10 години, војната во Украина која предизвика економска криза и несигурност за европски граѓани, незадоволството од внатрешната и надворешната политика на Европската Унија, и популистичкиот и конспиративниот дискурс на екстремно десничарските партии.

Секако, на ова треба да се додаде недостатокот на јасна политичка визија на социјалистичката левица, која е далеку од тоа да ја игра својата историска улога. Однесувањето на гласачите секако ќе биде детално проучено според земјата, возрасните групи и класните позиции. Сепак, без разлика дали ќе го наречеме десничарски или неофашистички, зголемениот бран на конзервативни, расистички и авторитарни тенденции во Европа, не може да не се сфати сериозно.

Дискурсот на партиите на европскиот центар дека „екстремната десница веќе не е екстремна како порано и дека нејзините „крајности се скратени“, никако не треба да се земе сериозно и затоа треба да се гледа со скептицизам.

Социјалистичката левица треба да создаде широки фронтови повеќе од кога и да е, но тоа не значи дека таа нужно се усогласува со расистичко-конзервативно-десничарските политики што беа исчистени од „екстремизмот“ на естаблишмент-партиите. Затоа што во ера на криза, големите маси луѓе стануваат отворени за фашистички тенденции токму до тој степен што не можат да најдат излез во политиката на „редот“.

Денес на Европа и се потребни нови алтернативи и нови политички простори за да може да понуди одговори на проблемите со кои се соочи. А како што веќе споменавме, главниот предизвик е подемот на крајната десница.

Но, за да се сопре овој подем нужно е да се идентификуваат причините што гласачите ги ориентираат кон крајната десница. Од оваа гледна точка, денес се чини дека е потребна една радикална политика и пристап во смисла на изноаѓање на решение на главните проблеми со кои се соочуваат европските граѓани со цел спречување на понатамошниот подем на крајно-екстремната десница.