Поканата за Македонија за членство во НАТО ставена како точка на Самитот во јули

Сподели

Северноаталантскиот совет денеска донел едногласна политичка одлука да ја стави точката за покана на Македонија во НАТО на самитот на Алијансата на 11 и 12 јули во Брисел, информираше денеска премиерот Зоран Заев во Собранието за време на завршниот говор пред ратификацијата на Договорот со Грција за решение на спорот за името.

– Оваа среќна вест ја добив пред неколку минути, дозволете да ја споделам со вас. Тоа е нешто што е вековна аспирација на сите нас. Им се заблагодарувам на помалку бројните етнички заедници во Македонија што покажаа солидарност кон нас, Македонците по ова прашање. Ја чувствуваа државата како своја, тоа е уште една потврда за сите заедници во Македонија – рече Заев.

Со тоа, рече Заев се остваруваат вековните аспирации на сите генерации пред нас и на сите граѓани на Македонија.

Претходно, и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг најави дека е можно да биде испратена покана за членство на Македонија во Алијансата на самитот што на 11 и 12 јули ќе се одржи во Брисел, откако Скопје и Атина постигнаа договор за спорот за името.

meta.mk