Политичарите креираат негативен новоговор и штетни наративи

Сподели

Доколку еден граѓанин дневно следи што објавуваат политичките актери на партиските интернет-страници и фејсбук-профили, а истото го чита и го гледа на телевизија и на онлајн медиумите, дневно би бил изложен на 33 штетни наративи. Ваквата доминантна токсична реторика не само што остава последици за граѓаните туку го загадува комуникацискиот простор и сериозно атакува на демократските процеси. Ова се посочува во монографијата „Наративна стапица: откривање на штетните наративи кај медиумите и новинарите“ на Институтот за комуникациски студии (ИКС), што беше промовирана вчера на истоимениот научен собир. Монографијата ги содржи наодите од истражувањето „Мерење на штетните наративи – ШТЕТ-НА”, кое се состоеше од деветмесечен мониторинг (септември 2023 − мај 2024 година) врз медиумското појавување на 10 политички партии и нивните лидери кои бројат најмалку двајца пратеници во парламентарниот состав 2020 – 2024 година,  известувањето на 11 онлајн-медиуми и 9 национални телевизии, како и фејсбук-комуникацијата на членовите на Владата на РСМ.

Поразителните заклучоци од истражувањето покажуваат дека штетните наративи најчесто се користеле за поткопување на довербата во институциите, пристрасно селектирање, напади на личнa основа, поттикнување поделби и популизам. „Важен момент од истражувањето е пресликувањето на таквата политичка комуникација во медиумското известување. Речиси се идентични. Како да нема филтер, како да се заборавени етичките и професионалните стандарди на медиумското известување“, истакна Јорданка Черепналкова Трајкоска од ИКС на научниот собир.

Анализата покажа дека за да се дискредитира противникот и да се влијае на избирачкото тело, политичарите смислуваат политички неологизми (нови, изолирани поими, зборови или фрази) и јазични иновации кои создаваат дополнителни значења, го замаглуваат разбирањето и доведуваат до заблуди и конфликтни ситуации. Теа Конеска-Василевска од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ) сумираше дека штетните неологизми се врзани или за политички актер (политичар или партија), како артаноидензаевизамкомбото СДС-ДУИдеспотот од ФориноЖмицко, или за начини и процеси на владеење, како шверцерат, бонбона бизнис, приврзок партија, соросписка итн. Најмногу неологизми употребувала Левица (25), следена од ВМРО-ДПМНЕ (14), Демократско движење (4) и СДСМ (2). Најчестите неологизми што ги користела ВМРО ДПМНЕ се канцер мафијабизнис пајташ и тендер политиките, од Демократското движење се казино партија и казиноман, од Левица се етнотрибализам и премиер терорист и од СДСМ се МВРО-ВМРО и груевистички. Штетни наративи и неологизми има и на албански јазик. Јордана Шемко од Парламентарниот институт кажа дека најмногу неологизми се упатени кон ДУИ, како казино партија или ДУИ-лотарија.

Политичарите користат зборови со силен емоционален набој и преку таквиот јазик се будат силни емоции како страв, надеж и гнев, вели Елеонора Серафимовска од ИСППИ. „На тој начин иинформациите звучат поубедливо, помалку се изложени на заборавање и го супресираат секое ниво на разумност“, рече Серафимовска.

Професорката Симона Груевска-Маџоска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, која исто така е дел од истражувачкиот тим, за политичките актери кажа дека се однесуваат како да се натпреваруваат кој повеќе ќе навреди и кој ќе измисли повеќе негативни кованици. „Ваквите зборови нема никогаш да го поминат филтерот за влез во стандардниот јазик и нема да се најдат во Толковниот речник, но придонесуваат за уназадување на јазикот, наместо за напредок и негов позитивен развој. Мора да се преземе одговорност и од политичарите и од медиумите за тоа кој се обраќа и како се обраќа во јавност“, заклучи Груевска-Маџоска.

ИКС го спроведе истражувањето ШТЕТ-НА и ја издаде монографијата во рамките на проектот „Користи факти“, поддржан од Британската амбасада во Скопје.Монографијата и периодичните извештаи од ШТЕТ-НА се достапни тука.

Фотографии од настанот може да најдете тука.Презентации од говорниците: