Политичкото влијание и неказнивоста се главен извор на корупција

Сподели

 

Јавните набавки и вработувањата во јавниот сектор се процеси кои создаваат најмногу ризици за корупција, во сите сектори на општеството, а главни причини се силното политичко влијание во јавниот сектор и неказнивоста на корупцијата. Тоа се, накратко, главните проблеми кон кои е насочена Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2020-2024, што Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) ја усвои на седница, со акциски план за нејзино спроведување.

– Како причини за коруптивно однесување во овие области констатиравме дека најсилни ризични фактори се политичкото влијание, отсуството на личен и институционален интегритет, недоволната транпарентснот, отсуството на неказнивост и недоследностите и недореченостите во законската регулатива, изјави претседателката на ДКСК Билјана Ивановска.

Стратегијата треба да ја спроведат заедно сите државни институции, но треба да ги вклучи и медиумите и граѓанското општество. Таа има за цел да ја зголеми политичката одговорност, да ги натера политичарите совесно да управуваат со своето влијание во јавниот сектор и да не влијаат во работата на независните тела и на постапките регулирани со закон. Цели на стратегијата се и да се зајакне интегритетот и отчетноста во јавниот сектор, кој своите надлежности треба да ги спроведува на законит, транспарентен, етички, економичен, одговорен и ефективен начин.

Со спроведување на стратегијата треба да се обезбеди и интегритет и транспарентност при вработувањето и кадровските политики во јавниот сектор, базирано на систем на вредности и критериуми за квалитет и да се зајакнат надзорните и контролните механизми.

Една од целите на документот е и дигитализација во сите сектори на јавните служби. Понатаму, стратегијата треба да доведе до намалување на корупцијата во јавните набавки и во процесот на доделување на грантови, субвенции и друга државна помош, да ги зајакне капацитетите и посветеноста на органите за спроведување на законот, на обвинителството и судството во откривањето и санкционирање на корупцијата, и да ги направи поотпорни на корупција.

Стратешки цели во борбата против корупцијата се и поддршка на транспарентноста и интегритетот во приватниот сектор, а државата треба и да ја подигне јавната свест, да спроведува антикорупциска едукација, но и да ги вклучи граѓанското општество и медиумите во борбата со корупцијата во општеството и градење на личен и професионален интегритет, вклучително и во нивните рамки.