Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска на маргините на Самитот во Варшава ќе се сретне со грчкиот шеф на дипломатијата Никос Коѕиас.
Попоски и Коѕиас последен пат имаа средба во Брисел во мај на маргините на Министерскиот состанок на НАТО. Во таа прилика двајцата министри разговараа за мерките за градење доверба, билатералните односи и соработка, но и политичката ситуација во Македонија. Коѕиас тогаш бараше да биде информиран за политичките случувања и изрази надеж кризата во брзо време да заврши и ситуацијата да се нормализира, апелирајќи до сите политички страни да покажат култура за прифаќање компромиси.
Од последната средба на Коѕиас и Попоски се одржа уште една рунда разговори меѓу македонската и грчката страна за мерките за градење доверба, а Атина ја посети и специјалниот пратеник на Германија за политичката криза во Македонија, Јоханес Хајндл.
Според информациите во Грција, официјална Атина е задоволна од присуството на Самитот на Западен Балкан во Париз, на кој годинава учествуваше за прв пат по две годишно отсуство. Грчкиот весник „Катимерини“ повикувајќи се на извори во грчкото министерство посочува дека наводно Франција предложила Грција да биде домаќин на еден од следните Самити за Западен Балкан, понуда на која грчката страна позитивно одговорила.
Покрај средбата со Попоски, Коѕиас е предвидено да се сретне и со шефовите на дипломатиите на Турција, Албанија и Естонија, а вчера имаше средба со канадскиот министер за надворешни работи.
Во Варшава денес со американскиот претседател Барак Обама ќе се сретне грчкиот премиер Алексис Ципрас.