Поповски: Потрошивме двојно помалку од претходниците

Сподели

Помалку од двојно државни пари потрошиле функционерите на оваа влада во првите шест месеци од стапувањето на функцијата, во однос на функционерите на претходната влада по преземањето на функциите во 2014 година, информираше денеска министерот за комуникации, транспарентност и отчетност Роберт Поповски.

Анализата на софтверот (vlada.mk/otchetnost-troshoci), кој претставува Алатка отчетност за трошоците, покажува дека 60 функционери во Владата предводени од Зоран Заев за шест месеци (1 јуни -1 декември 2017), вкупно потрошиле 21.890.462 денари (355.942 евра), а владата на Никола Груевски за период од (1 јуни-1 декември 2014) година потрошила 44.909.835 денари (730.242 евра)

– Поединечно, Никола Груевски како тогашен премиер потрошил 5.183.102 денари (84.278 евра) во период кога од дома ги креираше и ги диктираше политиките. Премиерот Зоран Заев во првите шест месеци од владеењето со динамична меѓународна агенда потрошил 2.918. 932 денари (47.462 евра). Тогашниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески потрошил 1.753.132 денари, додека сегашниот министер Горан Сугарески ,77.972 денари. Тогашниот министер за финансии, Зоран Ставрески во тој период потрошил 2.619.357 денари, а сегашниот Драган Тевдовски 583.170 денари – изјави Поповски.

Поповски апелираше сите функционери кои користат државни пари во работењето, односно од локална самоуправа, пратеници, обвинителство да го следат овој пример и да објавуваат како ги трошат парите на граѓаните.

– Посебно сакам да апелирам на користење на наративниот дел од софтверот, во кој треба текстуално да се опише за што биле потрошени парите. Претставуваше сериозна тешкотија да се убедат луѓето од администрацијата да ги дадат податоците, посебно за периодот од 2014 година. Овие бројки веруваме дека се прецизни, можеби се случиле отстапки затоа што некои информации недостасуваат – објасни Поповски.

Тој додаде дека за сите овие функционери, следниот извештај ќе биде објавен на 31 мај годинава, кога ќе истечат вторите шест месеци од работењето. Очекува дека во иднина, податоците ќе се апдејтираат на месечно ниво.