Постземјотресната обнова на Скопје изложена во срцето на Краков

Сподели

 

Во самиот центар на туристичката престолнина на Полска, Краков, во наредните 3 месеци ќе биде поставена изложба за постземјотресната обнова на Скопје и полскиот придонес во неа.

Изложбата „Скопје: Град, Архитектура и Уметност на Солидарноста“ беше отворена во Меѓународниот културен центар во Краков на 9 јули, а досега привлече огромно внимание кај тамошната културна јавност. За очекување е во периодот до 20 октомври да ја видат и илјадници посетители од целиот свет, поаѓајќи од фактот дека Краков годишно привлекува над 13 милиони туристи, од кои над 3 милиони се странци.

Објектот во кој е сместен Меѓународниот културен центар се наоѓа на централниот плоштад „Ринек Гловни“ во Краков, кој е впишан на листата на светско културно наследство на УНЕСКО.

Покрај возбудливата приказна за постземјотресната обнова на Скопје, во полскиот град отпатува и вредната збирка на уметнички дела донирана од полски автори за македонскиот главен град веднаш по земјотресот од 1963 година. Овие дела се во сопственост на Музејот на современа уметност во Скопје и по повеќе од пет децении повторно отпатуваа во Полска, како ретка можност граѓаните на оваа земја да се сретнат со нив. Меѓу нив, сигурно ќе бидат и дел од авторите – уметници на овие дела, но и архитектите и урбанистите што учествуваа во самата постземјотресна обнова на Скопје.

Еден од нив е професорот Војчех Сухожевски од Варшава, кој иако е во деветтата деценија од својот живот, не пропушти да биде дел од отворањето на изложбата во Краков.

Професорот Војчех Сухожевски на отворањето на изложбата во Краков. Извор на фотографија: Меѓународен културен центар – Краков

Најголем број од членовите на полскиот тим кои работеле на урбанистичко – планската документација за Скопје веќе не се меѓу живите. Но, изложбата „Скопје: Град, Архитектура и Уметност на Солидарноста“ се обидува да го оживее од заборав творештвото што тие го оставиле зад себе. На 26 јули, како ден на одбележување на годишнината од скопскиот земјотрес, вреди да се потсетиме на Адолф Циборовски, кој беше назначен од Обединетите Нации за надгледување на процесот на обновата на Скопје.

Тука е и Станислав Јанковски, шеф на полскиот тим кој го изработи планот за обнова на градот, како и групата од тројца архитекти „Тигри“, која го дизајнираше Музејот на современа уметност – Вацлав Клишевски, Јержи Мокшињски и Еугениуш Вјежбицки.

За оваа институција од Полска се донирани 200 уметнички дела, кои се прибирани од полски автори во периодот меѓу 1963 и 1967 година, а меѓу нив вреди да се споменат Хенрик Стажевски, Анджеј Струмило, Јан Цибис и Тадеуш Доминик. Изложбата во Краков вклучува 70 уметнички дела од сферата на сликарството, скулптурата и графиката a публиката ќе може да види и голем број фотографии, документарни филмови, архитектонски модели и урбанистички планови. Дел од нив се и објекти и модели прикажани на ланската изложба „Кон бетонската утопија: Архитектурата во Југославија 1948 – 1980“ во Музејот на модерната уметност (МоМА) во Њујорк.

– Изложбата беше инспирирана од работата и посветеноста на Кинга Нетман – Мултановска и амбасадорот Јацек Мултановски, кои за време на нивниот престој во Скопје спроведоа внимателна потрага на полските траги во македонскиот главен град. Тие ја откриле заборавената уникатна колекција на полската уметност од 20 – тиот век, складирана во Музејот на современата уметност во Скопје, колекција која уметниците ја донирале по земјотресот со гест на солидарност – појаснува Агата Васовска – Павлик, ко-куратор на изложбата и директор на Меѓународниот културен центар – Краков.

Станува збор за прва изложба што го третира полското учество во постземјотресната обнова на Скопје, за која тема навистина многу малку се знае помеѓу граѓаните на оваа средноевропска земја.

Изложбата ќе биде придружена со програма и поврзани настани, кои ќе се одвиваат до крајот на октомври. Секој викенд ќе се организираат тури со водич низ поставката на полски, англиски и украински јазик.

Концептот на изложбата е подготвен од Агата Васовска – Павлик и Лукаш Галусек. Куратори на изложбата се Моника Рудигер и Агата Васовска – Павлик, а нејзини соработници се Лукаш Галусек и Кинга Нетман – Мултановска од Полска и Владимир Десков, Јован Ивановски, Павел Вељаноски и Јасмина Намичева од Македонија.

Организатори на изложбата се Меѓународниот културен центар од Краков и Музејот на современа уметност од Скопје, во партнерство со Музејот на град Скопје. Изложбата се одржува со финансиска поддршка на полското Министерство за култура и национално наследство и Градот Краков.

meta.mk