Потпишан е Договор за нов ургентен интернистички центар

Сподели

Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити, денеска заедно со главниот финансов директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка АД Скопје Маја Стевкова Штериева и директорот на Кластер Западен Балкан, Фармација при „Алкалоид“ АД Скопје Владимир Индов, потпишаа договор за формирање нов ургентен интернистички центар на Универзитетската клиника за токсикологија.

 

 

„Исполнуваме уште едно ветување! Денеска, со поддршка од општественo одговорнитe компании Алкалоид и Комерцијална банка потпишавме договор за формирање нов ургентен интернистички центар на Универзитетската клиника за токсикологија. Ова е инвестиција којашто ја најавив како еден од нашите приоритети и навистина сум многу горд што почнуваме со нејзина реализација.

Целта на овој тријажен центар е да претставува прв контакт со пациентите, кадешто е предвидено да се пружа итна здравствена заштита. Тука, пациентите од нивниот прием би претстојувале 24 до 48 часа по што доколку е потребно би се упатиле во болничките оддели на некоја од интерните клиники или би биле пуштени дома.

Следејќи ги современите стандарди за врвни и квалитетни здравствени услуги, ќе се изврши реконструкција на простор од околу 750 м². Во склоп на просторот ќе има и посебна просторија за опсервација на пациенти – интензивна нега, како и полуинтензивна нега. Во просториите на интернистичкиот ургентен центар ќе бидат сместени и компјутерски томограф, ретнген, ЕХО апарат, ендоскопија.

Упатувам благодарност до компаниите за придонесот кон унапредување на здравствениот систем и квалитетот на услуги за нашите пациенти.  За една година направивме позитивни промени во јавното здравство, продолжуваме и понатаму со ист интензитет да го зајакнуваме здравствениот систем“, изјави Меџити.