Потпишан Протоколот за приемот на Македонија во НАТО

Сподели

Амбасадорите на земјите членки на НАТО денеска го потпишаа Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во Алијансата. Генералниот секретар Јенс Столтенберг оцени дека се работи за историски ден.

Со потпишувањето на Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО од страна на постојаните претставници на земјите – членки во Брисел, денеска Македонија стана дел од НАТО, но не како полноправна членка. Се до ратификацијата на Протоколот од парламентите на сите земји-членки, земјата ќе учествува на сите состаноци, но без право на глас и не ќе може да учествува во некои средби за кои е потребно дополнителна потврда на капацитетите.

-Премиерите на двете земји, Заев и Ципрас лани го потпишаа Договорот од Преспа, за долгорочна стабилност. Тоа беше почеток на долгиот пат што не донесе тука. Не беше лесен пат, имаше предизвици и компромиси, но одлуката да се гради соработка донесе вистински резултати. Повеќе стабилност во регионот ќе донесе стабилност во пошироката заедница.Чекавме долго време да ве примиме. Долго време придонесувате во НАТО. Потпишувањето на Протоколот за пристапување е почеток на процесот наратификација и се надевам дека тој ќе се одвива мазно и дека наскоро ќе ве примиме како полноправна членка – рече Столтенберг.

Димитров, во своето обраќање потсети на патот на Македонија кон НАТО и порача дека Македонија се покажала како конструктивна земја во развивање на соработката и надминување на проблемите. И покрај пофалбата за храброста на премиерите на Македонија и Грција, Заев и Ципрас, Димитров топло се заблагодари и на бугарскиот премиер Бојко Борисов, за кого рече дека заедно со неговата влада многу ја помагале Македонија, пред се со потпишувањето на Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија.

– Ова утро слетав од Вашингтон, имам џет лег и полн сум со емоции, имајте трпение за мене. Ова беше долго патување. Во 2000 година ја потпишавме Изјавата од Вилнус. Македонија, наскоро Северна Македонија, по стапување на сила на амандманите на Уставот, е последната од потписничките што влегува во НАТО. Ова беше тежнеење на многу генерации и должност на нашата генерација. Ова е заслуга на владите кои поплочија пат за историско помирување, на премиерите на Македонија и Грција, Заев и Ципрас. Сакам да му оддадам признание и на бугарскиот премиер Бојко Борисов, кој исто не охрабри со договорот со Бугарија да одиме во овој дел. Во филмот Лоренс од Арабија има една изрекна „Ништо не е напишано, но ќе се испише“. За нас НАТО е надминување на границата на извесноста. За нас НАТО е многу вредности. Ова е семејство што се обидува да го направи нашиот свет многу побезбеден, а овој процес нас не направи позрели. Она што го постигнавме заедно со нашите соседи, покажавме дека може да надминеме проблеми. Патувањето не е завршено, но нема да чекориме сами, имаме 29 пријатели и сојузници, ќе се фокусираме на она што ветивме дека  ќе го направиме во поглед на реформите и зајакнувањето на капацитетите на армијата. Земјата е силна колку што е силна нејзината војска, земјата е силна колку демократичноста на нејзините институции, но и колку што има пријатели. Во однос на земјава мојата нација е многу силна – рече Димитров.

На крајот на потпишувањето, со Албанија како прва, според абецедниот ред на англиски јазик, Столтенберг како свечен гест на Димитров му го врачи пенкалото со кое, сите 29 постојани претставници на земјите членки го потпишаа Протоколот. На тоа уследи бурен аплауз од сите присутни.

Прва што ќе учествува официјално на средба на НАТО ќе биде министерката за одбрана Радмила Шекеринска, во текот на следната седмица.

Потпишувањето на протоколот се следеше и во Медиа центарот на македонската влада.