Во текот на изминатата ноќ непознати сторители запалиле два контејнера на улицата Никола Карев, во близина на Железничката станица.
Како што информираат од ЈП „Комунална хигиена“, во текот на првите десет месеци од 2019 година се опожарени над сто садови наменети за одлагање на комуналниот отпад во градот Скопје. Само во првите седум дена од ноември изгореле десет контејнери. Сите опожарени контејнери се целосно уништени и неупотребливи. Со ваквите инциденти на ЈП „Комунална хигиена“ му е нанесена финансиска штета во висина од 1,5 милиони денари.
Градот Скопје и ЈП „Комунална хигиена“ апелираат до граѓаните да ги чуваат и да не ги оштетуваат контејнерите поставени на јавните површини за да се овозможи ефикасно одлагање на комуналниот отпад и да се одржува јавната хигиена. Садовите за отпад се набавуваат со пари од граѓаните, а со нивното оштетување се нанесува голема финансиска штета. Поради тоа, ги охрабруваме граѓаните да го пријават секој случај на вандализам врз контејнерите и врз другата урбана опрема за да се одржи комуналниот ред во градот, а јавните површини да бидат уредени и чисти – соопштуваат од Град Скопје.