Познати лекари злоупотребени за рекламирање капки за слабеење

Сподели

 

Во манипулативната реклама за капки Wloss за слабеење, која се шири на повеќе фејсбук страници фотошоширани се фотографии од епидемиологот д-р Никола Пановски и кардиологот д-р Жан Митрев. И двајцата лекари негираат дека препорачуваат вакви производи, пишува Вистиномер

 

Рецензираме пост на социјалната мрежа Фејсбук во кој е злоупотребена фотографија на д-р Никола Пановски во реклама за продажба на капки за слабеење.

Во објавата стои:

Вашата бројка ќе стане потенок за 7 дена!

Нова формула со моќни антиоксиданти за претворање на маснотии во енергија за секој ден.

– Забрзување на метаболизмот

– Задушување на апетитот

– Нормализација на хормоналната позадина

– Чистење на телото на токсините

Од самиот текст во којшто има литературни и граматички грешки може веднаш да се заклучи дека станува збор за манипулација. На фотографијата е фотошопиран ликот на д- р Никола Пановски заедно со слика од капките W- loss, кои се рекламираат за слабеење.

Доктор Никола Пановски е епидемиолог и тој нема никаква врска со овие капки за слабеење, за што самиот информираше на својот Фејсбук профил.

Почитувани, само да ве потсетам на тоа што го објавив пред 8 месеци. Никогаш не сум рекламирал, не рекламирам, ниту некогаш ќе рекламирам било каков производ. Кога ќе го прочитате моето име, мојата слика покрај некој производ, се е тоа злоупотреба, ако има интервју, тоа е измислено. Не купувајте го тоа ѓубре. Не ги богатете криминалците. Државата со прст не мрдна да не заштити. Злоупотребата продолжува. Купувајќи таков производ, бидете свесни дека дел од вашите пари одат и за подмитување на оние кои веќе ги плаќаме преку Буџетот да не заштитуваат, како награда што не не заштитуваат, напиша доктор Пановски на 14 јуни годинава, еден ден откако на ФБ беше објавена лажната реклама.

Ова не е првпат Пановски да биде злоупотребен за лажно рекламирање и апелира до граѓаните да бидат внимателни. Лани тој беше прикажан како дел од реклама за чај против паразити. И во врска со врска со овие реклами, Пановски реагираше на Фејсбук, најпрво на 25.11. 2022 година, а откако злоупотребата на неговото име продолжи тој повторно се огласи на Фејсбук на 03.12.2022 година.

Истите капки за слабеење на друга фејсбук страница се рекламираат со злоупотребена фотографија од кардиологот д-р Жан Митрев.

Таму пишува:

Зошто W-loss ?

– Навистина работи

– Нема хемиски компоненти

– 100% природни состојки

– Нема контраиндикации

– 50% ПОПУСТ

– Го чисти црниот дроб и цревата

– Активира метаболизам

На некои од објавите каде што ги има манипулативните реклами, кога ќе се отвори линкот за да се нарачаат капките се појавува дури и наводно интервју со Жан Митрев.

 

Но и кардиологот Жан Митрев не е дел од рекламата на капки за слабеење. Од одделението за односи со јавност на клиниката Жан Митрев за Вистиномер потврдија дека станува збор за измама.

Се работи за измама. Доктор Жан Митрев не е дел од реклама на какви било продукти за слабеење. Тоа е измислица во која е злоупотребена фотографијата и името на реномираниот лекарвелат од клиниката Жан Митрев во телефонска изјава за Вистиномер.

Капките Wloss во земјава се продаваат само онлајн. Овој препарат го нема во аптеките, само на интернет, каде се продаваат по наводно намалена цена за 50 отсто и чинат 1.990 денари, но нема производител, ниту состав.

Токму истите капки Wloss лани во јули манипулативно се рекламираа со злоупотребена фотографија од познатиот македонски нутриционист д-р Александар Митов.

Тој тогаш на својот профил на Фејсбук напиша :

ПАК ИЗМАМА И ЗЛОУПОТРЕБА на моето лице!
НЕ ГИ КУПУВАЈТЕ КАПКИТЕ W-Loss! НЕ ГИ ПРЕПОРАЧУВАМ!
И не се викам Димитар Поповски 
АМАН од преваранти во нашава прекрасна Македонија, им нема крај!
ВЕ МОЛАМ споделете, НЕ ГИ ПРЕПОРАЧУВАМ овие капки.

Не навлегуваме воопшто во ефикасноста на капките за слабеење, бидејќи нема докази дали навистина делуваат, како што се опишуваат и рекламираат. Но, неетички е да се манипулираат граѓаните за да се продава каков било  препарат со измислени препораки од еминентни лекари.

Поради наведените факти ова го сметаме за измама.