Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ на денешното продолжение на седницата за разрешување на државниот јавниот обвинител Марко Зврлевски ги нападнаа медиумите и невладините организации дека одработуваат за власта со критики до опозицијата дека го блокира разрешувањето на јавниот обвинител, наместо да известуваат за „важните прашања“.
– Деновиве имаме оркестрирани напади од одредени портали на кои ударните наслови им се дека ВМРО-ДПМНЕ не дозволува и го блокира разрешувањето на Марко Зврлевски, а молчат за важните прашања. Марко Зврлевски ќе биде разрешен, но по 16 октомври, членот 8-а од Изборниот законик е јасен – рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
На него се надоврза пратеникот Зоран Ѓорѓиевски, кој рече дека „антирежимските станаа владини медиуми кои не ги интересира што се случува во државата“.
Павлинче Честојнова од опозициската ВМРО-ДПМНЕ која рече дека невладините здруженија кои претходно „за три пресечени дрвја одржуваа прес-конференции, денес ги нема никаде кога пожарите изгореа голем дел од шумите“.
И на денешното продолжение на седницата на собраниската говорница речиси без исклучок се пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои меѓусебно си реплицираат и контрареплицираат, барајќи наместо за разрешувањето на Зврлевски, кое според нив во период на распишани локални избори е незаконски, да се расправа за пожарите, задолжувањето, стратегијата за бегалци и кадровските промени во државните институции.
Пратеничката Даниела Рангелова од ВМРО-ДПМНЕ ги повика пратениците од владејачката СДСМ да се вклучат во дискусијата и да ги кажат своите аргументи за разрешување на Зврлевски.
– Најчесно и најдостоинствено ќе ве замолам да се вклучите во дискусијата затоа што во ваш интерес е граѓаните да слушнат зошто Зврлевски треба да биде разрешен. Вака излегува дека единствената причина тој да биде разрешен е за да може да поднесете што повеќе обвиненија пред локалните избори и да правите циркуси и да ги дефокусирате граѓаните – рече Рангелова.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев обраќајќи се процедурално рече дека пратениците на владејачката партија нема да дозволат да бидат вовлечени во ваква бесмислена расправа.
– Јас морам да укажам дека овде најмалку се зборува за темата на дневен ред. Ние веќе кажавме дека во ваква лакрдија нема да учествуваме, не можете да не навлечете да учествуваме во нешто вакво бесмислено. Имаме многу да зборуваме за Марко Зврлевски. Имаме многу да зборуваме за сите зли дела кои беа правени врз невини луѓе. Дајте бре луѓе да тргнеме кон реформите кои ќе чекаат граѓаните и меѓународната јавност. Во сите извештаи беше наведено дека реформите во правосудството треба да тргнат од Јавното обвинителство – рече Тунтев.
Откажување од говорите и репликите од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ побара пратеникот на СДСМ, Петар Атанасов.
– Откажете се од говорите и од репликите и да одиме на важните прашања. Ајде да ја завршиме оваа точка и да одиме напред – рече Атанасов.
По двочасовна расправа претседателот на Собранието, Талат Џафери даде пладневна пауза до 15 часот.