Предупредување за можни санкции од САД

Сподели

Пораките на американскиот Стејт Департмент дека сите оние кои ги попречуваат демократските процеси во земјава ќе бидат повикани на одговорност, значи предупредување за санкции, смета поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин. Тој оценува дека пораката на Стејт Департментот најавува санкции против поединци во политиката во Македонија кои според него ќе ги поддржат и земји на ЕУ.

Професорот Беким Кадриу оценува дека пораките од од Вашингтон се пред-подготовка за формирање на влада од страна на новото мнозинство која би била призната од страна на меѓународната заедница.

„Мислам дека тие подготвуваат терен, утре да може една таква избрана влада да биде призната од страна на земјите-членки на ЕУ и САД, едноставно да има целосен легитимитет и поддршка. Бидејќи изборот на владата без давање на мандат ќе биде вонредна мерка, како резултат на кршењето на Уставот од страна на претседателот Иванов. Така тоа ќе биде и вонреден правен лек.“ – изјави за Алсат-М, Беким Кадриу, професор.

Американскиот Стејт Департмент излезе за првпат со силна директна порака кон политичарите во Македонија повикувајќи ги да стават крај на пречките, во спротивно ќе одговараат за своите постапки. Американскиот Стејт Департмент предупредува дека политичарите кои го блокираат формирањето на владата го загрозуваат владеењето на правото, демократските процеси, стабилноста на Македонија и пошироко на регионот. И покрај ваквите предупредувања, како и неколкуте посетите на највисоки функционери во Брисел, претседателот Иванов не го промени својот став да не му го дава мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Вчера Иванов повтори дека нема да дава мандат за формирање на нова влада сè до целосно отстранување на сите правни и политички пречки.

Алсат-М