Филмот „Лекциите на Блага“ во режија на Стефан Командарев ќе има македонска премиера во Кинотека на 21 ноември за отворањето на Медиумскиот фестивал Скопје 2023.
Бугарскиот кандидат за Оскар за најдобар меѓународен филм „Лекциите на Блага“, во режија на Стефан Командарев, којшто публиката го познава по „Насоки“ и „Пресуда“, ќе има македонска премиера на Медиумски фестивал Скопје на 21 ноември во Kинотека на Северна Македонија.
Филмот на Стефан Командарев ја доби главната награда за најдобар филм, наградата за најдобра женска улога за Ели Скорчева и наградата на екуменското жири на годинашното издание на меѓународниот филмски фестивал во Карлови Вари.
*Неодамна пензионираната професорка Блага станува жртва на телефонска измама заради која останува без животната заштеда и без пари за гробот на нејзиниот неодамна упокоен сопруг.
Пријавувајќи го случајот, таа сфаќа дека парите се неповратно изгубени. Зрак надеж во очајот носи примамлива, но сомнителна понуда за работа. Обидувајќи се да ја надомести изгубената заштеда, дотогаш чесната учителка почнува да губи нешто друго – своите принципи.
Седмиот Media Festival Skopje од 21 до 23 ноември ја вперува камерата кон корупцијата и улогата на медиумите во вечната антикорупциска борба.
Како и секоја година, сите содржини се бесплатни.