Премиерот на Етиопија, Аби Ахмед Али е добитник на Нобеловата награда за мир за 2019 година.
Како што соопштија од Нобеловиот комитет, наградата на Аби Ахмед му се доделува за „неговите заложби да се постигне мир и меѓународна соработка, а особено за одлучната иницијатива да го реши граничниот конфликт со соседната Еритреа“.
Аби Ахмед стана премиер во април 2018 година и многу брзо постигна мировен договор со соседната Еритреа со кој беше решен спорот помеѓу овие две земји кој траеше со години. Од Нобеловиот комитет напоменуваат дека Аби Ахмед посредувал и во нормализација на дипломатските односи меѓу Еритреа и Џибути, а спровел и значајни реформи во Етиопија, со кој овозможил надеж на граѓаните за подобра иднина.
„Норвешкиот Нобелов комитет се надева дека Нобеловата награда за мир ќе му даде сила на премиерот Аби во неговата важна работа за мир и помирување. Етиопија е втора најнаселена држава во Африка и најголемата економија во Источна Африка. Мирна, стабилна и успешна Етиопија ќе има многу позитивни ефекти и ќе го засили братството меѓу нациите и луѓето од регионот“, наведуваат од Комитетот.
Оваа година за Нобеловата награда за мир имаше вкупно 301 номинација, меѓу која беа и премиерите на Северна Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, за постигнувањето на Преспанскиот договор. Меѓу фаворитите за наградата, покрај Аби Ахмед, беа и шведската климатска активистка, Грета Тунберг, како и премиерката на Нов Зеланд, Жаклинда Ардерн.
Минатата година Нобелова награда за мир им беше доделена на поранешната сексуална робинка на терористичката Исламска држава, Надја Мурад и лекарот од Конго, Денис Муквеге „за нивните напори да се стави крај на употребата на сексуално насилство како оружје при војна и вооружен судир“.