Препораката за борба против говор на омраза достапна на македонски јазик

Сподели

 

„Препораката CM/Rec(2022)16 на Комитетот на Министри за борба против говор на омраза“ сега е достапна и на македонски јазик. Препораката беше усвоена за време на годишната сесија во Торино во мај 2022 година и документот ги повикува владите да развиваат сеопфатни стратегии за спречување и борба против говор на омраза.

Препораката тргнува од премисата дека говорот на омраза е длабоко вкоренет, комплексен и мулти-димензионален феномен и дава работна дефиниција за говорот на омраза која разликува различни нивоа во согласност со нивната тежина и повикува на спроведување соодветно калибрирани и пропорционални мерки. Се охрабруваат владите да усвојат ефикасна правна рамка и рамка за политики која го опфаќа кривичното, граѓанското и административното право и да воспостават и спроведат алтернативни мерки, вклучително и мерки за подигање на свеста, образование, употреба на спротиставен и алтернативен говор. Се охрабруваат властите и да воспостават механизми за поддршка за да им помогнат на оние кои се мета на говор на омраза, да спроведуваат мониторинг и да се вклучат во меѓународната соработка и националната координација.

Со препораката се обезбедуваат и насоки за други релевантни чинители кои играат клучна улога во процесот на спречување и борба против говорот на омраза, вклучително и јавни службеници, избрани тела и политички партии, интернет посредници, медиуми и граѓански организации.

Преведувањето на Препораката на македонски јазик започна за време на заедничката програма на ЕУ и Совет на Европа, Horizontal Facility II, a процесот продолжи и беше спроведен преку поддршка од проектот „Борба против омразата и нетолеранцијата во Северна Македонија“ преку заедничката програма на ЕУ и Совет на Европа, „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција III”.