Пресечен меѓународен канал за транспорт на дрога од Албанија

Сподели

 

Денеска полициски службеници од Бирото за јавна безбедност, поточно Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи заедно со САЕ „Тигар“, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и СВР Охрид го лишија од слобода З.С.(57) од Охрид, со што успешно е пресечен уште еден меѓународен канал за транспорт на дрога од Р.Албанија во нашата земја во вкупна вредност од околу 300.000 евра.

 

 

Имено З.С., управувајќи патничко возило „мерцедес“, со охридски регистарски ознаки, се упатил во с.Љубаништа, охридско, со намера да изврши неовластено пренесување на дрога и во близина на место викано „Ушине“ од албански државјани преземал пет големи платнени торби во кои имало марихуана во различни пакувања, во вкупна количина од околу 100 килограми.

По ова З.С. се упатил по регионалниот пат Св.Наум кон Охрид, со намера дрогата  неовластено да ја пренесе од Охрид за Скопје и поради финансиски долг да ја предаде на купувачи. Во 04.30 часот од страна на полициски службеници возилото било сопрено и при извршен преглед дрогата била пронајдена и одземена, соопшти портпаролот на МВР, Сузана Прањиќ Талевска.

 

 

Во координација со Јавен обвинител, СВР Охрид поднесе кривична пријава до ОЈО Охрид против З.С. од Охрид, поради постоење  основано сомневање дека сторил кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, казниво по чл.215 ст.1 од Кривичниот законик.