Сега кога е познат исходот и од локалните избори на кои што опозициската ВМРО-ДПМНЕ претрпе тежок дебакл, општа е констатацијата дека СДСМ стана доминантна политичка сила под чија контрола се наоѓа централната и речиси и целокупната локална власт.
Тоа се значајни предуслови што ќе и овозможат побрза реализација на нејзините програмски определби, лоцирани пред сѐ во неопходноста од темелни политички и економски реформи и демократизирање на севкупните општествени текови. Но, истовремено и огромна одговорност пред граѓанството кое што му ја даде својата доверба, со оправдани очекувања дека новата власт посветено и доследно ќе работи на исполнување на преземените задачи кои што не се ниту лесни, ниту малубројни.
За нивното остварување во моментов поволна околност е што таа има силна поддршка од најшироката јавност, која што по црниот период на груевистичкото самоволно владеење, носи увереност дека е дојдено времето на демократските промени и враќањето на правдата и слободата во нивната држава. Би било навистина погубно доколку во занесот на остварената политичка надмоќ таа поддршка и тие надежи бидат изневерени од постапки и однесувања кои што би воделе кон ново самовластие. Поради тоа, демократската јавност има обврска и должност внимателно и будно да го следи секој нејзин чекор и навремено да реагира на секој нејзин превид или грешка.
Политичката историја подучува дека нема безгрешен или незаменлив режим, нема власт која што не подлегнала на суетноста самата да одредува што е вистина, а што правда и законитост. Искуствата со претходниот отфрлен режим се најдобра потврда како самозаблудите и измамите врз кои опстојуваше доведоа до катаклизмични последици по државната стабилност и човечките судбини. Ако си припомниме, при преземањето на власта и Груевски имаше голема поддршка во јавноста и во медиумите, и тој ветуваше политичка и економска преродба, борба против криминалот и корупција, новинарска независност и етичка толеранција. Но, кога се зацврсти на тронот и се почувствува политички семоќен, тргна во брутална партизација и покорување на државните институции, и пресметка со опозициската и интелектуална елита, искористувајќи го поданичкото судство во свирепа одмазда кон неговите политички опоненти.
За жал, сиот тој антидемократски зафат несметано се одвиваше пред нашите очи, безмилосно ништејќи ги пред себе сите упоришта на слободарската мисла, за на крајот кога злото посегна и по нашите лични и семејни интими, да сфатиме дека сите ние сме биле дел од неговото мракобесие и на одреден начин сме учествувале во неговото создавање. Тогаш, а и денес, сеуште бараме oдговор како сето тоа беше можно и како се случи една обична политичка бараба да покори цела држава, а заедно со неа да завладее и со нашите умови. Од тие причини, понесени од еуфоријата на изборните победи од радоста што дојде крајот на долгогодишните понижувања и страдања, во ниеден момент не смее да се заборави дека опасност од можни злоупотреби на власта секогаш ќе постои, независно во чии раце таа се наоѓа, и дека само со постојано јакнење на граѓанската демократска свест и со нејзината оспособеност навремено да препознава и да спречува автократски тенденции и манипулации, македонското општество ќе биде во состојба успешно да ги брани и штити своите уставни права и слободи и никогаш повеќе да не доживее трауми низ какви што помина во изминатата деценија!