Претседателот Џафери на работна посета на Италијанската Република

Сподели

 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, на 22 и 23 јуни ќе престојува во работна посета на Италијанската Република, на покана на неговиот хомолог, претседателот на Домот на пратеници на Италијанската Република, Роберто Фико.

Посетата се остварува по повод потпишувањето на Протоколот за парламентарна соработка меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Домот на пратеници на Италијанската Република, кој беше инициран од претседателот на Италијанскиот парламент за време на неговата посета на земјава минатиот месец.

Со Протоколот се предвидува зајакната и продлабочена соработка меѓу двата парламента, на ниво на претседатели, пратеници, пратенички групи за соработка, комисии, генерални секретари и служби на двата парламента. Преку алатките на парламентарната дипломатија, Протоколот ќе овозможи размена на искуства од парламентарната практика, изготвување позиции на меѓународни парламентарни форуми за прашања од фундаментално значење и за прашања од европската интеграција на Република Северна Македонија.

За време на посетата, покрај средбата со претседателот на Домот на пратеници, претседателот Џафери ќе се сретне и со претседателката на Сенатот на Италијанската Република, Мaриа Елизабета Казелати.