Претседателот на “Лукоил” почина откако паднал од прозорец во болница во Москва

Сподели

 

Шефот на бордот на директори на „Лукоил“, Равил Маганов денеска починал откако паднал од прозорец во болницата каде што лежел, јавува Ројтерс. Маганов беше и потпретседател на втората по големина нафтена компанија во Русија. Засега нема дополнителни информации како тој успеал да падне од прозорец од шестиот кат на Централната клиничка болница во Москва.

Маганов работеше во „Лукоил“ од 1993 година, а е автор и на името на оваа нафтена компанија. Од 2020 година е назначен за шеф на бордот на директори.

Инаку, руската нафтена компанија „Лукоил“ од почетокот на руската агресија на Украина минува низ турбулентен период. На самиот почеток на војната во Украина, бордот на директори на „Лукоил“ објави соопштение во кое повика за што е можно побрзо сопирање на воениот конфликт во Украина. Во изјавата на бордот на директори на „Лукоил“ од почетокот на март годинава се вели дека силно го поддржуваат примирјето и дека проблемите треба да се решаваат низ сериозни преговори и дипломатија, објави Си-ен-ен на почетокот од март годинава.

Неколку недели подоцна, основачот и директор на „Лукоил“, Вагит Алекперов си даде оставка од позицијата на која што беше од 5 април 1993 година, пренесува Радио Слободна Европа на англиски јазик. Ваквиот чекор од негова страна следеше откако тој и други руски тајкуни беа вклучени на листата на санкции од Обединетото Кралство и Австралија поради руската воена инвазија врз Украина./Мета.мк