Претстојниот eсенски самит на ЕУ: Почеток на крајот или крај на почетокот за македонското пристапување?

Сподели

 

   д-р Симонида Кацарска

Нашиот процес на преговори многу веројатно ќе биде предмет на уште построги критериуми и мониторинг имајќи ги предвид искуствата на земјите кои во моментот преговараат. Тие механизми се навестени во одлуката на Бундестагот и веројатно ќе ги видиме во нашата преговарачка рамка која ќе ги уреди условите под кои ќе ги водиме нашите преговори.

 

Во изминатата година ипол, особено по потпишувањето на Договорот од Преспа, состаноците на Европскиот самит во нашата земја се доживуваат како настан кој ќе одреди да се биде или не. Претстојниот самиот во средината на октомври 2019 не е исклучок од ова правило. Во наредните неколку дена повторно на маса ќе седнат земјите членки на ЕУ за да се обидат да постигнат консензус за тоа дали ќе ја поддржат препораката на Европската комисија нашата земја да ги отпочне преговорите за членство.

Во изминатиот месец земјите членки во согласност со своите национални правила разговараа за овие прашања. Клучен момент беше силната поддршка која ја даде германскиот Бундестаг на 26 септември 2019 година за почеток на преговорите со Република Северна Македонија. Во одлуката се дава насока на германската влада за да обезбеди построг мониторинг во преговорите особено во однос на владеење на правото. Дополнително, иако ја поддржа препораката на Комисијата за почеток на преговорите и со Албанија, Бундестагот за оваа земја постави дополнителни услови. Одлуката на Бундестагот со која се обврзува и германската Влада да ги следи овие насоки се гледа во светло на намерата на чинителите во Германија да им дадат поттик и на останатите земји членки за позитивна одлука имајќи ја предвид скептичноста која се` уште постои кај дел од нив.

Иако позициите на сите земји до крај не се дефинирани, добро е познато дека постои неизвесност каква ќе биде позицијата на претседателот Макрон, но и дека постојат случаи како Холандија каде има поддршка само за нашата земја, но не и за Албанија. Од друга страна, има и земји членки на ЕУ чија позиција примарно е одредена од потребата за обезбедување регионална стабилност преку поддршка на напредокот на двете земји кандидатки. Овие разлики ќе се надминуваат во последен момент во текот на состанокот на престстојниот Совет на министрите, а можеби и на Европскиот совет.

Зошто постои неизвесност?

Неизвесноста до 17 октомври се` уште постои поради неколку фактори кои честопати се третираат заеднички, но во голема мера поинаку влијаат на градењето на ставот на земјите членки за почетокот на преговорите. Скептичноста на земјите членки кон проширувањето се должи на мноштво фактори, од кои неколку се пресудни.

Прво, изградените ставови во ЕУ за искуството од претходното проширување. Иако искуствата на земјите коишто пристапија се далеку од еднолични, во Унијата, а особено кај дел од постарите и поголеми земји членки, присутно е незадоволство во однос на владеењето на правото во дел од земјите кои пристапија во текот на последните проширувања на Унијата, во периодот помеѓу 2004 и 2013 година. Овие дискусии се тесно поврзани со фактот дека ЕУ нема воспоставен и јасен механизам на утврдување и санкционирање на вакви недоследности во однос на владеењето на правото. Во изминатите неколку години постепено се отвара дискусијата за воспоставување на потенцијален инструмент за таа цел, но имајќи го предвид процесот на усогласување помеѓу 28 земји членки, тоа несомнено оди бавно.

Втората причина, тесно поврзана со оваа дискусија е и незадоволството со исходот од досегашните преговори со земјите кои во моментот преговараат. Црна Гора и Србија веќе 7, односно 5 години преговараат според новата методологија на ЕУ од која се очекуваше дека ќе обезбеди зголемен надзор и контрола токму во однос на прашањата за владеење на правото. Сепак, ако се погледнат годинашните извештаи на Европската комисија, но и минатогодишната Комуникација за кредибилен пристап во проширувањето, напредокот на овие две земји е далеку од пример за останатите. Ваквиот застој, несомнено ги води земјите членки да размислуваат како да се унапреди методологијата на проширувањето за да обезбеди јасен напредок.

Трето, процесот на проширување на ЕУ отсекогаш бил оптоварен со дебатата на проширување и продлабочување која се актуелизира и на почетокот на нов институционален циклус во ЕУ, кој допрва претстои. До крајот на месецот треба да се случи гласањето за составот на Европската комисија за наредниот седумгодишен период. Пред неа има многу предизвици кои вклучуваат справување со излезот на Обединетото Кралство, што покрај институционални превирања директно резултира со дупка во досегашниот буџет на ЕУ во просек од 12 проценти. Дополнително, новите институции ќе треба да се справат со мноштвото предизвици пред кои е исправена Унијата кои ќе ја одредат долгорочната траекторија по која таа ќе се движи.

Кои се нашите аргументи пред претстојниот самит?

Аргументите на Република Северна Македонија овојпат, и покрај постоечката комплексна ситуација, се навистина силни и континуирано претставени пред земјите членки на ЕУ. Tие ги вклучуваат Договорот од ПреспаДоговорот за добрососедство со Бугарија, како и оценката на Европската Комисија од извештајот од мај 2019 година според која нашата земја направила несомнено најмногу во однос на напредокот во областите на владеење на правото, како и регионалната соработка во 2018 година.

Сепак, покрај нашата страна на приказната, горенаведените фактори ја креираат состојбата во која ние ја очекуваме одлуката за поддршка на преговорите, но и генералната политичка ситуација во која преговорите ќе се одвиваат. Од сите три фактори постојат клучните лекции кои треба да ги изведеме и да ги применуваме.

Во однос на првата точка, потребно е да изградиме слика на земја во која владее правото и во која е мала веројатноста да се повтори однесувањето на дел од земјите членки за кои во моментот се дискутира покренување на механизмот за нарушување на владеење на правото. Ова нема да оди лесно, имајќи го предвид нашето досие, но е клучно за градењето на слика за нас како општество кое расте и учи од грешките од минатото.

Второ, нашиот процес на преговори многу веројатно ќе биде предмет на уште построги критериуми и мониторинг имајќи ги предвид искуствата на земјите кои во моментот преговараат. Тие механизми се навестени во погореспоменатата одлука на Бундестагот и веројатно ќе ги видиме во нашата преговарачка рамка која ќе ги уреди условите под кои ќе ги водиме нашите преговори. Треба да бидеме спремни за овие нови механизми, но воедно и рационални за да можеме да ги искористиме ограничените ресурси со кои располагаме. Тука, пред се`, потребни се човечки ресурси и јасно идентификувани национални приоритети за развој во сите области усогласени со клучните принципи и правото на ЕУ.

Трето, во однос на иднината на ЕУ и нејзините внатрешни реформи, неопходно е долгорочно да се видиме и поставиме како земја членка, која седи на масата на која се одлучува, наместо како примател на тие одлуки. Тоа подразбира, дека покрај нашата примарна цел на пристапување, мораме да размислуваме и на кој начин ние ќе придонесеме за градењето на заедничкиот дом во ЕУ. Овa нам ни изгледа далечнo, но како земја членка ќе мораме да се грижиме и да придонесеме во градењето на заедничката визија за Европската унија која честопати е предмет на оспорувања и конфликти особено во изминатиот период.

respublica.edu.mk