Презентирана нацрт-стратегијата за реформа на правосудниот систем

Сподели

Непристраност и независност преку целосна елиминација на селективната правда, објективност во изборот,оценувањето и разрешувањето на судиите и јавните обвинители,подобрување на условите за  работа кај  судиите и обвинителите, транспарентност на судовите и уште многу други пакет мерки содржи новиот документ изготвен од советот за реформи на министерството за правда кој деновиве ќе отпатува до Владата на разгледување и усвојување. Според министерот Билен Саљији новата нацрт стратегија ќе ја врати довербата во судовите, правдата кај граѓаните  и е пример за демократско општество, пренесува 24 Вести.

„Реформите во правосудниот сектор се најверојатно најзначајната област за која Македонија постојано, во изминатиот период, трпеше  критики од домашната и меѓународната јавност. Оваа Влада е цврсто одлучна  и има политички консензус да одлучи за одлучни реформи во овој сектор во насока на враќање на довербата на граѓаните во правосудниот систем“, рече Билен Саљији – министер за правда.

Документот испишан на неколку страници предвидува и проширување на ингеренциите на СЈО како и враќање на одземената правда од судовите.

„Планирано е засилување на позицијата на СЈО, во рамките на сегашниот систем на Јавното обвинителство на Република Македонија. Надлежноста на СЈО треба да се прошири за да ги опфати сите инстанци на кривични дела со висок профил на корупција“, вели Ана Павлова Данева.

Нацрт стратегијата деновиве ќе биде јавно објавена,Во неа се отворени сите значајни прашања,а нивното усвојување  ќе значи и реализација на акцискиот план 3-6-9 на транспарентен и инклузивен начин. Критики и забелешки по однос на истата ќе можат да доставуваат и граѓаните.

„Од оваа стратегија ќе произлезат многу законски решенија од кои најважни се клучните системски закони, како Законот за судови, законот за Јавно обвинителство, Законот за судскиот совет“, изјави  Оливер Ристовски – заменик министер.

Министерството уверува дека откако Владата ќе ја усвои предложената нацрт стратегија за реформи ќе се подобрат работите во правосудниот систем и ќе се намалат штетите направени претходните години.