„PRIDE PHOTO AWARD“: Цврста определба за еднаквост на сите граѓани

Сподели

Во Мала станица, вчера беше отворена изложба на победничките фотографии на „Прајд фото авард“ ( Pride Photo Award) за 2016, која ја организираат амбасадите на Кралството Холандија во Скопје, Тирана и Приштина. Изложбата ја отворија холандскиот амбасадор во Македонија, Воутер Пломп и министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски.

„Во оваа прилика, би сакал да истакнам дека Владата на Република Македонија и Министерството за култура во изминатите неколку месеци, преку присуство и поддршка на вакви настани, јасно и недвосмислено ја потврдува својата цврста определба да гради демократско и отворено општество еднакво за сите граѓани, кое ќе почива на темелите на почитувањето на човековите права, правдата и солидарноста. Тоа е пристап и пат по кој цврсто ќе чекориме и од кој немаме намера да се откажеме“, рече министерот за култура Роберт Алаѓозвски на отворањето на меѓународната фотоизложба.

„Прајд фото авард“ е меѓународен годишен фотографски конкурс со фокус на сексуалниот диверзитет и родовиот идентитет. Секоја година фотографи ширум светот ги споделуваат своите најкреативни, најпредизвикувачки и нестереотипни погледи на родот и сексуалноста. Меѓународно експертско жири ги селектира најдобрите дела по што се организира светска изложба. Изложбата досега била поставена во Амстердам, Болоња, Џакарта, Ханој и во Сан Франциско.

Изложбата во Мала станица ќе биде отворена до  17 декември.