ПРИСТИГНА ХОЛАНДСКАТА ДОНАЦИЈА ЗА ПОПЛАВЕНИТЕ ПОДРАЧЈА, ВО ВРЕДНОСТ ОД НАД 500.000 ЕВРА

Сподели

poplava

Холандската донација на медицинска помош за поплавените денеска пристигна во Скопје, соопштија од Амбасадата во Холандија во Македонија.

Холандија, по барањето за помош испратено од македонската Влада во рамките на Механизмот за цивилна заштита на Европската унија, донесе одлука за донирање на контингент медицински материјали во вредност од преку половина милион евра.

Пратката, која се состои од 20 палети на опрема за прва помош, пристигна во Дирекцијата за заштита и спасување благодарение на поддршката и финансиската помош на холандската транспортна компанија „Букестајн транспорт“. Донацијата ќе биде дистрибуирана до здравствените установи во кои се лекуваат пациентите од регионите зафатени од поплавите.

– Холандската Влада ја испрати помошта скоро веднаш по катастрофалните поплави, и таа пристигна во Македонија денес, на денот кога Обединетите нации го одбележуваат Светскиот ден на хуманитарноста, во чест на сите хуманитарни работници и волонтери. Меѓународната заедница го знае Скопје како град на солидарноста, и ова уште еднаш го докажуваат сите луѓе и организации кои деноноќно работат за да ги расчистат и обноват областите зафатени од поплавите. Како долгогодишен пријател и поддржувач, Холандија ќе продолжи да обезбедува помош за Македонија и понатаму – изјави вршителот на должноста Амбасадор на Кралството Холандија, Андри ван Менс на конференцијата за печат која се одржа во Дирекцијата за заштита и спасување во Скопје.

Минатата недела холандскиот експерт Петер Глерум беше испратен во Македонија да го води тимот на ЕУ кој направи процена на хуманитарната ситуација по поплавите во кои загинаа 22 лица, а многумина останаа без своите домови.