Од почетокот на реализацијата на идејата за менување на фасадите на објектите и зградите во центарот на Скопје за нови фасади на Владата, Министерството за правда, Министерството за траспорт, зградата на Пелагонија и зградите во централното градско подрачје, досега се потрошени над 41 милиони евра, покажуваат сумираните податоци во базата на БИРН „Скопје 2014 под лупа“.
Само за рефасадирање во централното градско подрачје досега се потрошени 13,7 милиони евра. Со последниот договор меѓу Град Скопје и фирмите „Пелагонија“ и „Бауер БГ“, склучен кон средината на јули започнува менувањето на шест згради на улица „Македонија“ меѓу кои е зградата на Технометал и Шпаркасе банка, кои сега се со релативно нови, модернистички фасади.
За измена на овие шест фасади Град Скопје издвои 1,75 милиони евра. Идејното решение е повторно на фирмата „Архитектоника“ и нејзиниот прв човек Жарко Чаушевски, кој е еден од најнаградуваните архитекти во потфатот што се препознава како „проект Скопје 2014“.
Замислата за новиот изглед на објектите на архитектот Чаушевски се потпира на терминот „рустично“ или „старинско“. Па така во насоките наменети за изведувачите на фасадите се наведува на пример :„ За постигнување на старински ефект, може да се нанесе една рака боја на база на силиконски смоли….“
Старинскиот изглед на новите фасади во јавноста подведен под поимот „барок“ се постигнува и со употреба на фасаден малтер со ефект на мермер-травертин или поедноставно „мермер, ама не е мермер“, како што може да се слушне од разговор помеѓу тогашниот премиер и министерот за транспорт во бомбата во која Никола Груевски му објаснува на Миле Јанакиески за новите, поевтини материјали и се расправа дали да се остави АЕК својата зграда да ја прави со вистински мермер оти „има пари“ или да се „штеди на трошоци“.
Поевтино, но стилот останува
За измена на фасадите на улица Македонија инвеститорот Град Скопје, се решава за поевтина варијанта. Но стилот останува. Па така на зградата број 32 која е кај семафорите на Рекорд се предвидени статуи на покривот, декоративни елементи како на пример: венци, влезен портал со релјефи, полустолбови со капители, рустикални плочи од мермер, пет скулптури на жени, 4 скулптури на воин, исто толку скулптури на маж, дури 13 скулптури на глава на лав, 17 скулптури на пехари и девет скулптури со цветни мотиви.
На фасадата на зградата кај семафорите на Рекорд се предвидени:
– 4 скулптури на воин
– 4 скулптури на маж
– 13 скулптури на глава од лав
– 17 скулптури на пехари
– 9 скулптури со цветни мотиви
„Сите скулптури треба да бидат „уникатни, посебно моделирана од стручно лице – дипломиран вајар. За изгледот и темата како ќе изгледа секоја скулптура посебно, треба да биде одобрена од проектантот и инвеститорот“, стои во тендерската документација за тоа што се бара од изведувачот.
Но, тука не завршува идејата на архитектот кога станува збор за декорации на фасадата. Предвидени се и над 100 украси од ковано железо и 18 декоративни светилки исто така изведени со украсно железо. Присуство на златната боја на фасадата е најмалку 30 насто, пишува во проектната документација на Архитектоника на Чаушевски.
За зградата на Технометал е предвидена „естетска илуминација“ која меѓу другото ќе ги осветлува големите и малите релјефи и декоративните столбови што авторот ги замислил на новата фасада – вкупно 22 столба, од кои 4 јонски, 4 дорски полустолбови, 8 коринтски и 6 тричетврт столбови. И фасадата на Технометал предвидува скулптури за кои стилот е одреден како „висок реализам со правилни пропорции“. Предвидени се 6 скулптури на глава на животно и 5 декоративни скулптури. Сите изработени од вештачки мермер и претходно одобрени од проектантот и инвеститорот.
Текстот во целост прочитајте го тука