ПРОДОЛЖУВА ПОЛИТИЧКОТО БЕЗУМИЕ НА НИКОЛАЕ! – Георги АЈАНОВСКИ

Сподели

Само како потсетник: ноќта кога пред зградата каде заседаваше ДИК околу валидноста на едно избирачко место во Тетовско, и кога кога десетина високи функционери на режимот преку микрофони повикувааа на линч (ножевите на Вaлентина Божиновска), се што поддржува соросоидни активности и граѓански слободи, лидерот на ДПМНЕ се закани со повици до народот да се спротивстави на странските сценарија за промена на власта и да не дозволи домашни предавници и платеници да го преземат раководството со државата.

Разочаран што на изборите не ги доби посакуваните 63 пратенички места но, уверен дека во преговорите со Али Ахмети околу албанската Платформа  сепак ќе дојде до премиерската функција, речиси три недели го остави својот народ мирно и спокојно да го исчекува конечниот успешен резултат. Ама, кога Ахмети во последен момент се предомисли да му даде поддршка за состав на нова влада, Груевски со ниеден збор не го нападна за пропаднатиот преговарачки процес, туку целиот свој бес го насочи кон опозицикскиот лидер Заев, затоа што прифатил да се расправа за неа и не ја отфрлил уште во самиот старт, како антидржавен и антимакедонски документ. Тогаш, повторно се досети на својот народ: наводно неговата партија и членство направиле се што се можело да се спречи националното предавство но, сега нема друго чаре освен самиот народ да ја преземе судбината во свои раце и да тргне во поход за спас на државата. Очекувано, кон неговиот проглас веднаш се приклучи и претседателот Иванов, кој што со одлуката да не му додели мандат на Заев, стана еден од соорганизаторите на масовните протести ширум земјата, барајќи јавна осуда и отфрлање на платформата не од нејзините творци, туку од страна на опозицискиот лидер и од пошироката меѓународна заедница.

Меѓутоа, се покажа дека и стотината илјади партиски демонстрантиЗа заедничка Македонија, беа далеку од очекувањата на нивниот лидер кој сметаше дека под таков притисок ќе попушти решеноста на македонските и абански опозициски партии да свикаат парламентарна седница на која ќе изберат влада и без аминувањето на Иванов па, во неделното интервју на ТВ Канал 5, побара нов дотур на незадоволни манифестанти, со образложение дека само така ќе се покаже оти целиот народ е кренат на нозе и  стои зад неговата политика. Притоа, како да сакаше да каже: протести, ама не како што беа досега, со мирни прошетки по улиците и празни патриотски говоранции, туку многу пожестоки и поагресивни од кои што земјата ќе се затресе од темел, ќе пламнат во оган куќи и дуќани, ќе профрчат водени топови и гумени куршуми и дури тогаш ќе станело јасно дали опозициските пратеници ќе се осмелат да влезат во парламентот и да гласаат за нова влада.

Ако се има во предвид  дека околу 700.000 граѓани го осудија на изборите неговото владеење, тогаш се поставува прашањето: на кој тоа народ се повикува Груевски кога повикува на сеопшт бунт? Дали можеби очекува и приврзаниците на СДСМ, учесниците на Шарената револуција, невладините активисти или пак албанското граѓанство кое што тој го прогласи за антидржавен елемент, ќе бидат таа додатна сила што ќе им се приклучи на неговите протестантски ешалони?

Или пак се уште верува, како некогаш Чаушеску, дека со помош на тајната полиција на братучед му Мијалков и неговите приватни телохранителски служби, со покорените државни службеници, шумарите, ловџиите, пчеларите, ќе си ја спасува главата од кривичните прогони на СЈО? Или тоа ќе бидат припадниците на расформираните единици лавови кои што ден по неговиот телевизиски настап најавија свое приклучување во патриотскиот отпор?

На крајот: помислил ли за момент тој политички безумник, дека засуканиот стап има два краја и дека истиот тој народ во кој што сега се колне, кога ќе му дојде преку глава може да го  прегази како сува лепешка?

Очигледно западнат во длабок очај, Николае продолжува да влече шапшалски потези со кои само ја потврдува својата ментална настраност да урива и ништи се што било историски паметно и мудро создавано пред него!