Денеска околу пладне во Специјалното јавно обвинителство треба да продолжи со распит на високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, осомничени во случајот „Талир“, меѓу кои е и лидерот на партијата, Никола Груевски.
Покрај Груевски, кој е првоосомничен во случајот, од СЈО покани им се испратени и исказ треба да дадат и пратеникот Илија Димовски, Кирил Божиновски и Мартин Протуѓер, кои се дел од единаесетте осомничени за нелегално финансирање на ВМРО-ДПМНЕ.
Во петокот минатата недела, во СЈО се појавија генералниот секретар на партијата и поранешен технички премиер, Емил Димитриев, пратеничката Даниела Рангелова и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески.
Тројцата по излегувањето од просториите на СЈО изјавија дека не дале исказ, туку побарале увид во доказите и веднаш штом ги добијат, ќе се произнесат по кривичните дела за кои ги товари СЈО.
Како што пренесоа дел од медиумите, адвокатот Никола Додевски, кој е бранител на повеќето осомничени во случаите што ги води СЈО, ќе биде повикан како сведок во случајот „Талир“. Ова значи дека тој нема да може да ги застапува осомничените во овој случај.