Продолжува седницата за уставните измени

Сподели

Седницата за уставните измени продолжува денеска во 13 часот, откако вчера претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина седницата по говорот на премиерот Зоран Заев и нејзино продолжение закажа за денеска.

Заев во експозето пред пратениците порача дека договорот за името содржи јасни обележја за македонската посебност, при што јазикот и идентитетот се македонски, а земјата ќе носи име признаено од целиот свет. Тој повика да се остават настрана партиските интереси, да се обединат сите и да ја препознаат историската одлука која треба да се донесе.

– Изборот не може да биде појасен. Успехот не може да биде поизвесен. Големината на оваа историска одлука треба да ја препознаеме сите. Вашиот глас е глас за полноправно членство во НАТО за помалку од една година. Вашиот глас за не става во европското семејство на ЕУ. Секој глас против е глас за изолација, несигурност, сиромаштија, за нови политички кризи и поголема неизвесност дури од оние кризи од нашето минато – рече Заев.

Пред почетокот на вчерашната седницата за уставните амандмани, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пред Собранието потврди дека пратениците од неговата партија нема да учествуваат на седницата бидејќи не сакаат да му дадат легитимитет на процесот на менување на Уставот, по што заедно со дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и други сопартијци се придружи на протестот пред Собранието организиран од „Македонија блокира”.

Вчерашниот протест, според првичните најави, требаше да трае до полноќ, но заврши веднаш откако спикерот Џафери ја прекина седницата и ја закажа за денеска. По ова и организаторите закажаа нов протест за денеска во 12 часот.

За прогласување на амандманите е потребно двотретинско мнозинство, односно за нив да гласаат 80 од вкупно 120 пратеници во Законодавниот дом. По прогласувањето на амандманите пратениците треба да го изгласаат и уставниот закон за нивно спроведување.