Проекции на филмови по повод 60-годишнината од смртта на Милтон Манаки

Сподели

 

По повод 60-годишнината од смртта на Милтон Манаки, во киносалата на Кинотеката утре (5 март) ќе бидат прикажани документарниот филм  за фотографската дејност на Јанаки и Милтон Манаки „Манаки – Приказна во слики“ и целокупниот опус од 42 филма што овие балкански кинематографски пионери ги снимиле со култната „Камера 300“.

Претходно, со почеток во 18 часот, м-р Роберт Јанкуловски, редовен професор на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ и основач на „Македонски центар за фотографија“, ќе одржи презентацијата под наслов „Фотографиите на Манаки, записи низ времето“.

Потоа следува проекцијата на документарниот филм „Манаки – Приказна во слики“ (2018, 70 мин., црно-бел/колор) во режија на самиот Јанкуловски, а по сценарио на Илинденка Петрушева и Јанкуловски.

Во 20 часот ќе се одржи проекција на 42-та наслови на браќата Манаки снимени со нивната камера со сериски бр. 300, а кои помладиот брат Милтон во 1963 година, пред својата смрт, ги предал на чување во Државниот архив на Македонија. Во 1996 година Кинотеката направи 35-милиметарска заштитна архивска копија од овие оригинални нитратни филмски ленти, а во 2012/2013 година тие беа дигитализирани и дигитално реставрирани во Унгарската филмска лабораторија во Будимпешта. Веднаш потоа дигитализираните материјали беа објавени на ДВД и промовирани пред јавноста.